ССМ: Работодавачите од приватниот сектор да исплатат регрес за годишен одмор

Исплатата на регресот за годишен одмор воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството е задолжителна за работниците и треба работодавачите да ја реализираат до крајот на годината, се посочува во денешното соопштение од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со Организацијата на работодавачите, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите – ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, стои во соопштението, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле.

– Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 проценти од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци, се појаснува во соопштението.

Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Со Спогодба за изменување и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството ( Сл. весник бр. 119 од 2015 ), се појаснува во соопштението, е определено дека кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор.

Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците. Во соопштението се посочува дека службите за бесплатна правна помош на ССМ во Скопје и во регионалните синдикални претставништва низ Републиката за своето членство обезбедуваат правна помош и заштита и за ова право од работен однос.

– За неодговорните работодавачи кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ, Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година. Оваа законска обврска дополнително ќе придонесе за заштита и остварување на ова уставно и законско право на работниците (Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Сл. весник бр.226 од 2015г.), предупредуваат во соопштението од Сојузот на синдикати на Македонија.

ССМ очекува како резултат на зајакнатата санкциона политика и измените на Кривичниот закон да се елиминираат и оние појави каде што имаше практика исплатата да се изврши формално, а потоа да се враќаат средствата бидејќи и ова е предвидено во Кривичниот закон за што следува казна согласно член 166 нов став 2, кои гласи:

– Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд , или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права, стои во соопштението од Сојуз на синдикатите на Македонија.

Translate »