Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад бара доследно спроведување на законите и имплементација на забелешките од бизнис заедницата!
Во фаза кога во собранието се расправа за неколку закони поврзани со селекција на отпадот и рециклирање, асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад, јавно преку прес конференција даде поддршка за носење на новите закони и измени во постојните, но истовремено повика за имплементацијата на истите од страна на институциите која ќе биде многу поефикасна.
Од асоцијацијата истакнаа дека “дел од решенија кои се предвидуваат во законите постојат и сега, но истите не се применуваат доследно, што е една од главните причини зошто не постои поразвиен систем за селекција на отпадот и рециклирање. До крајот на 2020 година, ние како колективи постапувачи, ќе собереме и однесеме на рециклирање над 35.000 тони отпад од пакување од вкупно околу 120.000 тони колку што се претпоставува дека се создава, и над 18 тони мали батерии од вкупно увезени 90 тони, над. 1500 тони акумулатори од вкупно 2000 тони и над 2000 тони ЕЕО од вкупно пуштени на пазарот 18000 тони”.
Асоцијацијата достави забелешки за сите закони и очекува МЖСПП како предлагач да ги инкорпорира во предлогот кој ќе биде доставен до Собранието за усвојување и истите да бидат изгласани пред распуштање на Собранието, најдоцна до средината на Февруари, со вклучени забелешки од бизнис заедницата како најзасегната страна која треба да го финансира исполнувањето на националните цели за рециклирање дефинирани во овие закони.
Тие, потенцираа дека постојат компании кои создаваат отпад, но не финансираат за негово селективно собирање и рециклирање. Со тоа го прекршуваат законот, го оштетуваат буџетот на РМ, а дополнително ги ставаат во неповолна пазарна положба оние компании кои веќе плаќаат надомест. Дека бизнис секторот сериозно е подготвен да ги превземе обврските кои произлегуваат од новите закони, но инсистира и институциите доследно да ги извршат своите обврски кои се предвидени во законот.
Еднакви услови за работа на сите компании, покажана општествена одговорност од компаниите и почитување на законите е нешто што се очекува од секоја компанија и од самите институции.
Пред медиумите Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад изнесе неколку заклучоци поврзани со носењето на новите закони.
- Да се намали бројот на компании кои создаваат отпад од разни текови, а не плаќаат и не финансираат собирање и рециклирање на истиот. Со ова, компаниите кои плаќаат се ставени во неповолна пазарна положба бидејќи имаат трошоци кои неплаќачите ги избегнуваат и екстра заработуваат или нудат цени кои се пониски, на сметка на избегнување на законските давачки. Со новото законско решение, сите компании заедно со завршната сметка треба да достават потврда-доказ дека финансирале собирање и селекција на отпадот кој го создале во текот на годината за која поднесуваат завршна сметка. Ова решение значајно ќе ги намали неплаќачите и ќе ја подобри конкурентноста меѓу компаниите.
- Да се оневозможи формирање шпеккупативни колективни постапувачи со посебни текови отпад кои немаат за цел да организираат селекција на отпадот и рециклирање, туку манипулирање со дел од индустријата и собирање финансиски средства за сосема други цели.
- Да овозможи финансирање на реалните трошоци за селекција и рециклирање на сите типови отпад, нешто за што бизнис секторот е свесен дека треба да го финансира. Но, бараме и од локалните самоуправи да бидат поодговорни и отворени за соработка со цел да се зголеми селекцијата на отпад во секоја општина од земјава.
- Да се намали употребата на пластични кеси од страна на граѓаните. Имено, иако во вкупната тежина на отпад од пластика кесите учествуваат во мал дел (3-5%), тие се најтешки за собирање и рециклирање и се најчест загадувач на земјата и водата. Предложената цена од 10 ден/кеса е во таа насока, но и оние кеси кои ќе се наплаќаат мора да бидат навистина биоразградиви, а не само маркетиншки декларирани.