Во изборна година економијата замира

Актуелните економски политики пресликани во буџетот за 2020-та навестуваат година во која ќе растат платите на буџетарите, пензиите на пензионерите, дел од даноците ќе се намалуваат, дел незначително ќе се зголемуваат. Банкарите, според досегашните анкети очекуваат стабилна банкарска година во која внимателно ќе одобруваат кредити.

Но, дел од стопанствениците за „Порталб.мк“ велат дека 2020, имајќи предвид што е изборна година повторно ќе биде обоена со неизвесност, а проблемите во одредени сектори и индустрии ќе чекаат долгорочни решенија.

„Во 2020-та потребни се сериозни вложувања во патната инфраструктура, но и државна логистика за транспортните фирми кои од година во година се соочуваат со се потешки проблеми“, оценува Билјана Муратовска од Здружението на транспортери “Макам-транс“.

Таа вели дека проблемите со кои се соочува овој бизнис стануваат се посериозни.

„Секоја наредна година е полоша од претходната. За 2019 година превозниците генерално велат дека не е проблем во обезбедување на превози, но затоа цените за превозот се прениски и не обезбедуваат стабилен раст и развој, се потешко ги обезбедуваат средствата за да ги исплаќаат ратите за кредит или лизинг, се почесто се соочуваат со недостаток на професионални возачи па се принудени да вработуваат и неискусни лица кои поради своето неискуство нанесуваат поголеми штети одколку што треба да се обезбедат средства за одржлив раст и развој“, вели Муратовска и посочува дека се помалку се превозници кои оваа криза можат да ја издржат до некои подобри времиња затоа што превозот е услуга која се консумира во моментот на случување и непостојат залихи за да се чекаат подобри времиња.

„Ненавремената наплата на побарувањата кумулативно се надоврзува и со неможноста навреме да се исплаќаат и плати на возачите кои незадоволни од состојбата, долгите чекања на граничните премини бегаат и бараат работа во државите од Западна Европа. Во 2020 година се надеваме дека надлежните државни органи ќе ја согледаат оваа лоша состојба во овој оддел и ќе ги преземат сите чекори кои требаше да се преземаат од година во година (25 години наназад). Во развиените европски држави 80 проценти од населението ги користат условите за брз и безбеден превоз со железница, транваи и автобуси“, додава Муратовска.

Маријана Перковска од Кластерот за текстил смета дека за ранливи компании кои се извозно ориентирани потребна е поголема државна помош и полесен пристап до капитал, особено ако се работи за фирми од индустрии кои се нископродуктивни, а апсорбираат голем број на вработени. Таа вели дека стопанството повторно ќе се соочи со изборна година во која ќе доминира политиката и неизвесноста.

„Изборните години имаат негативен ефект за економијата, а за жал многу ги има. Стопанството замира во време на избори посебно поради фактот што државата е најголемиот стопански субјект и огромен број на компании егзистираат од тоа. Но ова не се однесува на текстилната индустија која е извозно ориентирана така да изборните процеси за оваа гранка немаат некое посебно значење“, смета Перковска.

Годинава, оценува професорот Сами Бислими, ќе донесе инвестициска воздржаност и претпазливост и кај домашните и кај странските компании.

„Оваа 2020 година нема да биде поразлична од претходната година, ние не сме вложувале доволно за да ги подобриме перформансите на домашната економија за да се очекува некакво подобрување од економски аспект. Техничката Влада од 3 јануари, како и најавените предвремени парламентарни избори во април, од економска гледна точка е изгубена година. Ниту еден сериозен инвеститор не би се одлучил да го инвестира капиталот во изборна година, особено не во земја во која исходот на изборите може да предизвика поголеми неизвесности. Позитивно е тоа што набргу очекуваме полноправно членство во НАТО, а тоа ќе придонесе за зголемување на странските инвестиции“, вели Бислими.

Во оваа нова економска година, според аналитичарите бизнис и инвестицискиот амбиент може да се подобри по полноправното членство на Македонија во НАТО, а уште повеќе позитивен ефект ќе има евентуалниот датум за почеток на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Но, дома остануваат да се завршат бројни „домашни задачи“ поврзани со функционирање на правосудниот систем, справување со корупцијата, реформата на јавната администрација, реформите во медиумите – сите овие сегменити значајни за функцинирање на  правна држава која е предуслов за здрава економија со одржливи и стабилни стапки на раст.

Translate »