„Водовод и канализација“ во партнерство со „Пакомак“ ќе испорачува сметки на рециклирана и биоразградлива хартија

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е првото претпријатие во државата кое од овој месец ќе испорачува сметки на рециклирана, еколошка и биоразградлива хартија со цел заштита на животната средина. Оваа иницијатива беше покрената во партнерство со „Пакомак“, како почеток на соработката меѓу двете страни во борбата за подигнување на свеста на граѓаните за важноста на рециклирањето, заштитата и правилната употреба на ресурсите, со цел заштита на животната средина.

„Горди сме и среќни што сме прво претпријатие во државата кое ќе испорачува сметки на рециклирана, еколошка и биоразградлива хартија“ – посочи генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски, најавувајќи го печатењето и дистрибуцијата на редизајнираните сметки на рециклирана, еколошка и биоразградлива хартија.

Станува збор за околу 210.000 сметки кои месечно се испорачуваат до корисниците, односно 2.500.000 сметки кои се потецијален отпад на годишно ниво.

„Освен заложбите за реализација на капитални проекти, ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје работи и на воспоставување на една поинаква пракса и се надеваме позитивен пример за сите“ – посочи директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додавајќи дека праксата за употреба на рециклираната хартија за внатрешна и надворешна употреба е започната минатата година.

Бенефитот од замената на хартија произведена од дрво со користењето на рециклирана хартија значи заштеда од 60% на енергија и намалување на потрошувачката на вода за 15%. Преземајќи го овој чекор и со воведување на интернационалниот стандард ISO 14001, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје станува Environmentally friendly претпријатие, а тоа значи претпријатие кое ги исполнува Европските стандарди за заштита на животната средина.

Освен стандардниот начин на добивање и плаќање на сметките, корисниците имаат можност да ги користат и онлајн услугите достапни на веб-страницата: www.vodovod-skopje.com.mk, каде имаат можност да добијат електронска сметка и истата да ја платат преку опцијата плати брзо или како регистриран електронски корисник.

„Наша обврска е да ја заштитиме животната средина, да ја одржуваме околината чиста, затоа што чистата и здрава околина значи чиста и здрава питка вода, што е всушност и нашиот приоритет“ нагласи Весковски.

Воедно, тој додаде дека дека ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје започнува соработка со „Пакомак“, како партнер во борбата за подигнување на свеста на граѓаните за значењето на рециклирањето, заштитата, правилната употреба и користење на водните ресурси, имајќи ги предвид климатските промени кои делуваат на секој сегмент во животната средина.

Генералниот менаџер на „Пакомак“, г. Филип Ивановски, изразувајќи го задоволството од остварената соработка со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје го најави продлабочувањето на истата преку реализација на повеќе проекти од заеднички интерес.

Translate »