Автопатот Тетово – Гостивар е најфреквентниот пат во земјава

loading...

Девет од десетте најфреквентни патишта во 2019 година во земјава се изградени во профил на автопат, а најмногу возила лани биле регистрирани на автопатот Тетово – Гостивар. Просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) е еден од главните индикатори во развиените земји за донесување на одлуки за инвестиции во нови патишта или за реконструкција и надградба на постојната инфраструктура.

Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, ПГДС на автопатот Тетово – Гостивар лани изнесувал 16.300 возила. Веднаш по него следуваат автопатските делници на источните влезови на Скопје: Хиподром – Кадино – Петровец со 15.887 и Миладиновци – Хиподром со 15.836 возила во просек дневно. Воедно, автопатите Скопје – Тетово, Миладиновци – Куманово, Петровец – Велес и скопската обиколница останале и минатата година високо на листата на патишта со највисока фреквенција на возила.

За одбележување е фактот дека една патна делница лани била преоптоварена со сообраќај, иако не станува збор за траса што е изградена на ниво на автопат. Станува збор за патот Струмица – Дабиље – Ново Село, којшто во 2019 година имал ПГДС од 12.297 возила.

Наспроти ова, бројките на ЈП за државни патишта покажуваат дека кај одредени проекти во кои се инвестираше во изминатиов период нема доволна фреквенција на возила преку која би се „исплатила“ инвестицијата. Па така, на автопатот Миладиновци – Штип, на потегот од клучка Миладиновци до клучка Кадрифаково, лани автоматските бројачи регистрирале ПГДС од 6.421 возила. На патниот правец Страцин – Крива Паланка, каде што во моментов се гради новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, во 2019 година бил измерен ПГДС од само 2.808 возила.

Покрај тоа што претставува индикатор при определувањето на идни инвестиции во патната инфраструктура, мерењето на фреквенцијата со автоматски бројачи го дава вкупниот број на возила што минуваат по одредени патишта, а со тоа и можноста да се осознае рокот во кој би се извршил поврат на вложените средства при изградба на нова делница на која би се наплаќала патарина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »