Промовирана софтверската алатка „ПМ аларм” за прогноза на аерозагадувањето
Во рамки на активностите на „Планот за чист воздух за 2020 година“, денес на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се одржа јавна презентација на софтверската алатка за прогноза на аерозагадувањето „ПМ аларм”, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„ПМ аларм” e систем за прогноза на аерозагадувањето, развиен од научниците од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот во Виена – Австрија и Универзитетот во Сао Паоло – Бразил, поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија. Апликацијата врши моделирање на аерозагадувањето со вклучување на временската прогноза и сѐ уште е во развој и во фаза на подобрување на визуелизацијата. Таа овозможува 4-дневна прогноза за загадувањето на воздухот на територијата на државата.
На настанот, покрај обраќањето на деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) проф. д-р Иван Чорбев и презентациите на проф. д-р Боро Јакимовски, и проф д-р Владо Спиридонов, обраќање имаше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Апликацијата е достапна за сопствениците на iOS и Android уредите, но истата има и веб верзија (мапа) со временска оска, каде корисниците може да добијат визуелен приказ на загадувањето. Веб верзијата е достапна на aqf.finki.ukim.mk.