Општината е огледало на луѓето кои живеат во неа
Што правиме, тоа и ќе ни се врати! Како се однесуваме кон животната средина – таква и таа ќе биде. Општината во која живееме е одраз на нивото на култура на нејзините жители. И се’ додека кога нашите деца ќе фрлаат хартија од штотуку изедено чоколадо на улица, а ние нема да ги опоменеме и да го подигнеме отпадот, местото на живеење нема да биде чисто. Кога ќесите со ѓубре ќе ги оставаме каде ќе стигнеме бидејќи не’ мрзи да отидеме до најблискиот контејнер, и другите ќе не доживуваат како неодговорни граѓани кои недоволно ги сакаат своето маало и роден град. Лесно е да се коментира колку е нечист градот, но понекогаш треба да се размисли и како да се придонесе за тој да биде чист.
Некoј ќе рече: „за хигиената треба институциите да се грижат, па зошто плаќаме комунална такса?“. Да, тоа е така, но институциите не можат да исчистат онолку колку што луѓето можат да извалкаат. Друг ќе искоментира дека ситуацијата е таква бидејќи низ градот поминуваат многу дојденци, кои се со недостаток на емоција и страст кон него како место на живеење. Но, независно кој од каде доаѓа, сите ние живееме тука, го дишеме истиот воздух, ги пешачиме истите улици, ја гледаме истата глетка. А зошто се’ да не биде поинаку? Па и мора, бидејќи ако вака продолжиме со тек на време ќе се загушиме во ѓубрето. Скопје е се’ позагадено, понечисто и станува неподносливо.
Сите сме одговорни за она што ни се случува, и треба да реагираме со поставување на пример за останатите. Дали знаете дека на едно парче хартија му е потребно 6 месеци за да се разгради, на отпушок од цигари 2-5 години, на пластична кеса за пазарење 10-30 години, на гума за џвакање 20-25 години, додека пак на алуминиумска лименка 200-400 години? Дека отпадот и додека се разградува пушта отрови во почвата, кои потоа испаруваат и сите ние ги дишеме? Нашиот главен град е еден од најзагадените градови во Европа, тоа е вистината. И токму поради тоа потребни се промени!
Потребно е во секоја општина да има посебни контејнери за различен амбалажен отпад, посебно за ПЕТ, хартија, лименки и стакло, да бидат обезбедени специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Секој граѓанин да го селектира отпадот, и да не фрламе ѓубре на улица. Кога купуваме производи да внимаваме на нив да го има знакчето green dot, кое потврдува дека производителот ги почитува еколошките закони и плаќа надомест. Во спротивно ќе се претвориме во огромно ѓубриште!
Компанијата за одложување и рециклирање на амбалажен отпад, Пакомак, повикува на одговорност и свесност за заедницата и околината во која живееме. Тие поставуваат контејнери за одложување на одложување на стакло, картон, пластика и секаков амбалажен отпад, а нив можете да ги најдете секаде низ градот – по тротоарите, по супермаркетите, паркинзите и трговските центри. Целта на овие контејнери не е само да го собираат ѓубрето, туку и да не’ потсетат дека е наша обврска тоа да биде сместено на вистинското место, а не насекаде низ градот. Рециклирањето е само уште еден чекор во борбата за почиста животна средина, со тоа што овозможува неколкукратна ре-употреба на голем дел од материјалите, а тоа придонесува кон намалување на производниот отпад и заштеда на залихите од природата.
Така што, нареден пат кога ќе помислите дека сакате да живеете во чиста и здрава околина, потсетете се дека промената почнува токму од вас! Направете го она што е правилно – однесувајте се одговорно према природата, према околината и вашата општина – најдете го контејнерот со знакот на Пакомак или симболот green dot и рециклирајте го ѓубрето. Бидејќи општината е огледало на луѓето кои живеат во неа!