Николоски: Ќе го победам Заев дома

loading...

Ќе го победам Заев дома, а потоа следува одговорност и тоа треба да го знае, порача Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, од конвенцијата за преставување на кандидатите за пратеници.

Николоски, кој е носител на Четвртата изборна единица, каде што негов опонент ќе биде претседателот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека победите на гостински терен се најслатки.

„Во Четвртата изборна единица ќе го направиме она што Зоран Заев не го направи дури ни за дома. Јас не знам како не се нервира кога си оди во Струмица и кога го гледа патот застанат од Штип кон Радовиш, камен не се става, ништо не се става. Затоа, ќе го довршиме експресниот пат и ќе го продолжиме до Струмица, Ново Село, Василево, Босилево и до границата со Република Бугарија. Ќе изградиме експресен пат кој ќе го поврзе и Штип со Радовиш и секако ќе го изградиме автопатот што ќе ја поврзе централна Македонија со западна Македонија, автопатот во Велес, Прилеп и до Битола. Тоа значи развој за југоистокот, тоа значи повеќе работни места, тоа значи повеќе млади да останат тука заедно со нас во Македонија“, рече Николоски и порача дека по 12 април, Зоран Заев ќе одговара за, како што вели, сите криминали и злодела што ги направил.

Николоски пред присутните истакна дека кога претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го поканил да биде негов потпретседател и дел од неговиот тим, си ветиле дека првин ќе ја реформираат партијата, а потоа ќе ја реформираат Македонија.

Translate »