КОРОНА ВО МАКЕДОНИЈА: СЕЛО ГОРИ, БАБА СЕ ЧЕШЛА (ГАЛЕРИЈА)

Затворени факултети, градинки, основни и средни училишта. Забранета посета и користење на зоолошка градина и пливачките базени. Ваква е и денешната сликата по објавувањето на мерките и препораките од страна на Владата со цел да се спречи ширењето на корона вирусот.

Но колкава е свесноста и општествената одговорност на луѓето и колку тие ја имаат сфатено пораката со овие превентивни мерки од владата. За жал сликата на терен сепак покажува дека голем дел од граѓаните остануваат неми на сетоа она што го зборуваат и препорачуваат надлежните.

Пораката и апелот дека неодењето во училиште во текот на овие две недели не е распуст и слободно време и дека не треба да се оди по кафулиња и клубови, бидејќи ова е време на социјален карантин, не допре до граѓаните.

Како дел од превентивните мерки, беше донесена одлука по еден родител на дете до десетгодишна возраст може да се ослободи од работа 14 дена. Отсуството од работа, како што информираа надлежните, ќе биде платено, а родителот кој нема да оди на работа треба да обезбеди потврда од училиштето или градинката на детето.

Министерот за здравство ја информираше јавноста дека работата е целосно под контрола и дека нема простор за паника, додавајќи дека сите се посветени за решавање на овој поблем.

„Болеста не е за потценување и затоа ние целосно ги следиме сите препораки и искуства од третманот на пациентите во сите земји“, вели министерот Филиче.

Тој на денешната пресконференција ги објави и новите ригорозни мерки со цел поголема заштита од корона вирусот.

„Болниците ќе примаат само итни случаи, а сите хронични пациенти и тие што се закажани се откажуваат. Се забрануваат сите јавни и приватни собири без разлика на бројот. Кафитериите ќе работат со скратено време до 18 часот, со преполовен капацитет за да има распојание меѓу луѓето. Да се откажат сите кино и театарски претстави. Затоа се овие радикални мерки. Ние не сакаме да ни се случи Италија“, соопшти Филипче.

Тој нагласи и дека МВР ќе преземат конкретни мерки кон сите лица кои на социјалните медиуми објавуваат невистини и дезинформации за корона вирусот, како и медиумите кои истите ги пренесуваат.

Но она што во моментов е најважно е тоа дека секој еден од нас треба да е свесен на ризиците на кои сме изложени. Во моментов ни треба поголема самосвесност и солидарност од било кога, заради нас, но и заради сите околу нас.

izvor Lokalno.mk

Translate »