Македонка од Римини: Седете дома, не ја правете нашата грешка
Вирусот се шири многу побрзо отколку свеста за опасноста од него. Сфатете ја состојбата сериозно, сугерира наша сограѓанка која две децении живее во Италија
Не ги правете грешките што ги направивме овде. Ве молам сфатете ја состојбата сериозно, останете дома и почитувајте ги препораките на здравствените власти, бидејќи вирусот многу брзо се шири, препорачува Македонката Б.Т. која 23 години со семејството живее во италијанскиот град Римини.
Таа во разговор за Дојче веле ги сподели искуствата и грешките кои ги увиделе дури откако епидемијата зеде замав.
„И покрај препораките на Владата, овде заканата од вирусот во почетокот не беше сфатена сериозно од граѓаните. Луѓето се движеа во ресторани, во шопинг молови, не запре омиленото играње тенис на плажа, парковите беа преполни… Иако угостителските објекти беа затворени во сабота и недела заради спречување поголема фреквенција на гости, сепак, до неодамна работеа од понеделник до петок од 6 до 18 часот, и граѓаните не се откажаа од излегување во ресторани. Тоа беше грешка. Ве молам, не ја повторувајте нашата грешка. Се‘ треба да се блокира. Вирусот многу брзо се шири и ние се уверивме во тоа, но задоцнето. Непоходно е максимално самоограничување во движењето“, препорачува таа.
Секој дома
Откако бројот на заболени пораснал, сега состојбата е поинаква -затворени се сите угостителски објекти, шопинг молови, продавници, фризерници, козметички салони… Работат аптеките и продавниците за храна, а движењето низ градот е минимално. Луѓето можат да се движат исклучиво во зоната во која живеат. За излегување од таа зона заради итни потреби мора да поседуваат соодветен документ.
„Насекаде има полициски контроли, и ако утврдат дека станува збор за лажен документ, казната е 206 евра, плус кривична одговорност. Луѓето максимално ги почитуваат овие мерки. Сите соработуваат, нема шетање, секој седи дома, но се ќе беше поинаку ако тоа беше така и во почетокот“, вели таа.
Гледај видео01:33
Коронавирус: Колку е пореална заканата, толку повеќе панично купување
Интензивно ги следи информациите околу состојбите со вирусот во земјава, а имајќи го предвид тамошното искуство укажува кои нешта се важни во моментов.
„Нема потреба од правење резерви на храна. И овде тоа се случуваше, но стана фактор на ризик заради контакти во турканици. Денес во набавка оди еден член на семејството. Нема семејно одење во маркет. Притоа, луѓето чекаат во ред на дистанца, и во зависност од големината на маркетот влегуваат по еден или по двајца. И на отворените пазари за зеленчук и овошје нема блиски контакти. Луѓето сами ја прават дистанцата. Нема одење на гости, нема пиење кафе со соседите. Секој си е во својот дом.