Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна

Германската канцеларка вечерва во драматично обраќање ги повика германските граѓани да помогнат во битката за спречување на ширењето на коронавирусот. Состојбата е сериозна, рече Меркел.

Германија е соочена со најголемиот предизвик од Втората светска војна поради битката со пандемијата на коронавирусот, порача канцеларката Ангела Меркел во вечерашното обраќање до нацијата, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат преземените мерки.

Во драматичен апел, Меркел ги повика сите да учествуваат во забавување на ширењето на вирусот кој се распространи ширум светот и предизвика досега невидени мерки на заштита.

„Состојбата е сериозна. Однесувајте се сериозно. Уште од повторното германско обединување, всушност уште од Втората светска војна, нашата земја не се соочила со предизвик кој толку зависи од нашата колективна солидарност“, рече Меркел.

Иако нејзиното 15 годишно владеење опфати и тешки периоди како финансиската криза, бегалската криза или Брегзит, Меркел никогаш досега не им се обратила на граѓаните преку телевизиските екрани, со исклучок на традиционалните новогодишни обраќања.

Translate »