Возачка дозвола за автомобил и трактор од 17 годишна возраст
Неколкумина пратеници од мнозинството поднесоа предлог закон за измени по скратена постапка наменети за подобра заштита на ранливите групи во сообраќајот и нивните права.
Меѓу главните новини што се предлагаат е и промена на возраста за стекнување право за полагање на возачка дозвола за моторно возило од 16 на 17 години, а повеќе поволности се предвидени за највозрасната група на граѓани и за инструкторите во автошколите.
Предлогот на закон за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата содржи 6 члена.
Со членот 2 се менува членот 275, во делот кој се утврдува возрасната граница на лица кои може да управуваат со трактор, и наместо со 16 години се предлага лицата од 17 години да може да управуваат со трактори.
Во однос на рокот на важење на возачката дозвола се предлага да се покачи старосната граница, односно на лицата над 70 години да им се издава возачка дозвола со важност од три години, а не како до сега, тоа да важи за лицата постари од 65 години. Се предлага и тие да подлежат на задолжителни здравствени прегледи.
За полагање на Б категорија,наместо со 16, се предлага тоа право да го стекнат со навршување на 17 години возраст. Досега, законот предвидуваше да се полага на 16, но зад волан да се седнува една година подоцна. Воедно се брише критериумот тие да имаат одличен успех и примерно поведение, бидејќи, според предлагачот, тоа не е критериум за полагање на возачки испит, и претставува дискриминирачки.
Во законските измени има и предлог, за малолетниците кои сакаат да полагаат за возачка дозвола, одобрение да даде псисхолог, педагог или класниот раководител од нивното училиште заверено на нотар, и да имаат 30% повеќе часови практична настава во однос на останатите кандидати за возачи.