Др. Драган Даниловски: бројот на заразени од коронавирус ќе продолжи да расте
Еминентниот македонски епидемилог, Драган Даниловски проценува дека бројот на заразени од коронавирус ќе продолжи да расте и според неговите пресметки Македонија треба да очекува до 12 април околу 900 случаи. Во интервју за Прес24, Даниловски анализира дека од нив, на околу 20% (200) ќе им треба хоспитализација, а на околу 5% (10) од хоспитализираните ќе им треба респиратор.
-Внимавајте! Ова е само до 12 април! Не сакам ни да помислам за понатаму.. Значи, бројот ќе расте и понатаму. Најмногу заради тоа што не знаеме колкав е бројот на лица во инкубација и оние без или со лесни симптоми, кои слободно се движат и го сеат вирусот. Не е реално цело население да се тестира, за тие да се откријат. Се прават напори да се тестираат одделни сегменти, со идеја да се согледаат кластери на инфекции… и за да може да се сузбијат. Но, сè се сведува на ограничување на меѓусебните контакти, вели Драган Даниловски, епидемилог во интревју за Прес24.
Она што според него треба да се очекува се таканаречени автохтони случаи, кои веројатно ќе се развијат и во Македонија.
-Во Македонија веројатно веќе имаме бројни автохтони случаи. Бидејќи разбрав дека на наши државјани не смеело да им се забрани влез во државата, иако се затворени границите… и имајќи предвид колку се дисциплинирани граѓаните кои влегле во почитувањето на самоизолацијата, тврдам дека се влезени непознат број на сејачи на вирусот. Што значи дека прашање на време е кога ќе се јават симултано фокуси на зараза низ цела територија… И ете тоа ќе генерира автохтони случаи…, вели Даниловски во интервјуто за Прес24.
Тој вели дека овој вирос во следните години ќе се „одомаќини“ кај луѓето, слично како и сите вируси на грип. Сепак, неговата контрола ќе ја има вакцината, која се очекува да биде произведена. Според сериозноста на компликациите, Даниловски смета дека ова авакцина треба да биде задолжителна.
-Да, вакцината ќе биде најдноставниот начин за заштита од овој вирус. Во спротивно, граѓаните, особено оние повозрасните, ќе си го ризикуваат животот. Сметам дека вакцината ќе мора да биде задолжителна, имајќи предвид колку страшни се последиците од слободно ширење на вирусот. Ова што го доживува цела планета е токму она што го доживувале жителите на Земјата за време на пандемијата на чумата („црна смрт“) во XIV век и за време на пандемијата на „шпанската грозница“ (грип) во 1918 година. Тоа биле времиња кога немало ниту лекови, ниту вакцини…, вели Драган Даниловски, епидемиолог во интервју за Прес24.
Македонија ја помина едноцифрената бројка на заразени од коронавирус, иако се уште е во држави со низок ризик, сепак што може да се очекува во следниот период?
ДАНИЛОВСКИ: Ситуацијата се менува од ден во ден, исто како и секаде во светот. Вирусот се покажа многу „поган“, агресивен. Всушност, тоа е сосема нормално поведение на еден сосема нов створ на планетава, кој жестоко се впушти во освојувачки поход. Во почетокот беше потценет.. за набрзо да покаже дека се шири како шумски пожар… Така настрада Кина, па Италија… слична судбина ги очекува Франција, Шпанија, можеби Британија и Германија, па можеби и Соединетите американски држави…
Бројот на заболени расте експоненцијално. Тоа значи дека во почетокот кривата на благо расте, за наеднаш нагло да јурне угоре.
Ние сме дел од светот. Вирусот и нас не нè одмина. Еве, денес, 20 март, вкупниот број случаи е 70. На 26 февруари имавме само еден случај… За 24 дена 76 случаи. Растот и кај нас е експоненцијален. Поинаку кажано, се зголемува како снежна топка што станува лавина. Моите пресметки се дека до 12 април може да се очекуваат околу 900 случаи. Од нив, на околу 20% (200) ќе им треба хоспитализација. А на околу 5% (10) од хоспитализираните ќе им треба респиратор. Внимавајте! Ова е само до 12 април! Не сакам ни да помислам за понатаму..
Значи, бројот ќе расте и понатаму. Најмногу заради тоа што не знаеме колкав е бројот на лица во инкубација и оние без или со лесни симптоми, кои слободно се движат и го сеат вирусот. Не е реално цело население да се тестира, за тие да се откријат. Се прават напори да се тестираат одделни сегменти, со идеја да се согледаат кластери на инфекции… и за да може да се сузбијат. Но, сè се сведува на ограничување на меѓусебните контакти.
И тоа мораме да го постигнеме, по секоја цена, да ја забавиме лавината. Друга опција нема! Тоа засега ни оди тешко.
Жариштето засега се две општини во кои е прогласена кризна состојба, но колку реално тоа може да се држи под контрола?
ДАНИЛОВСКИ: Вирусот е раширен низ цела држава, не се само Дебар и Центар Жупа. Само што сè уште има којзнаае колку случаи кои не се идентификувани. А ја сеат заразата. Ја сеат затоа што не ги почитуваат мерките за социјално дистанцирање и самоизолација. Само тоа ние на располагање – средновековни методи! Така изгледа кога нема ниту лек, ниту вакцина… А тоа може да нè одведе во италијанско сценарио. Непотребно. Затоа што не сакаа да си го расипат комодитетот. Излетничките места полни! Автобусите од некои наши населби – полни!
Ако не се прогласи вистинска вонредна состојба, (јас би ја нарекол воена состојба), со полициски час, со затворање на сите фирми, со војска на улица… за контрола не можеме да зборуваме… Само ќе глумиме дека нешто правиме…
Во Македонија засега сите случаи се поврзани со лица кои дошле од ризични држави. Но имаше два случаи во Шведска, каде беа заразени две лица без никакви контакти со заразени, ниту со патувања во странство. Тоа се дефинира како автохтони случаи. Како е тоа можно?
ДАНИЛОВСКИ: Можно е. Во Македонија веројатно веќе имаме бројни автохтони случаи. Бидејќи разбрав дека на наши државјани не смеело да им се забрани влез во државата, иако се затворени границите… и имајќи предвид колку се дисциплинирани граѓаните кои влегле во почитувањето на самоизолацијата, тврдам дека се влезени непознат број на сејачи на вирусот. Што значи дека прашање на време е кога ќе се јават симултано фокуси на зараза низ цела територија… И ете тоа ќе генерира автохтони случаи…
А имајќи го предвид фактот дека секој инфициран случај инфицира во просек тројца осетливи лица, (R0=3), замислете каква „лепеза“ од случаи ќе се јавуваат многу брзо…
Вие во една изјава рековте дека децата и младите се најголемите преносители, но и тоа дека тие речиси и да не заболуваат од вирусот. Што значи тоа? Како е можно да имаат вирус, а да не заболуваат? Зошто не заболуваат?
ДАНИЛОВСКИ: Врз основа на искуството на Кинезите, се осозна дека вирусот се распространува низ населението многу пред да се јават првите манифестни случаи – и тоа преку децата и младината. Тие се дел од популацијата, кои се најдинамични, остваруваат многу социјални контакти, а истовремено инфицираните поединци може воопшто да немаат никакви симптоми или да имаат симптоми на лесна настинка. Така, играат улога на подвижни, „неми“ сејачи на зараза.
Оттука е од суштинско значење, на оваа популациска група, по секоја цена, да ѝ се ограничи можносста да го растураат вирусот наоколу. Како? Со радикално ограничување на нивното движење и меѓусебни контакти… во што многу не успеваме…
На светско ниво засега процентот на излечени е висок, односно смртноста е околу 7 проценти во најкритичните држави. Како се лечи коронавирс? Со што се лекува?
ДАНИЛОВСКИ: За жал, специфичен лек сè уште не постои. Во фаза на тестирање се еден лек против маларија, хлороквин, потоа ремдесивир , фавипиравир и некои други веќе користени антивирусни препарати како интерферонот, на пример.
Уште еден експериментален пристап, кој интензивно се тестира е користењето на плазма одвоена од крвта на пациенти од ковид-19, кои се опоравиле. Таа плазма се инјектира во пациенти, во обид да се стимулира нивниот сопствен имунолошки одговор.
Има ли случаи на повторување на вирусот? Какви се тогаш последиците?
ДАНИЛОВСКИ: Навистина имаше случаи во Кина кога веќе опоравени пациенти, наеднаш повторно покажале присуство на вирусот.
До неодамна немаше одговор како е можно да се повтори инфекција со истиот вирус, имајќи предвид дека за очекување би било по прележана инфективна болест, да се развие барем краткотраен специфичен имунитет.
Меѓутоа, неодамна, беше откриено дека вирусот САРС-КоВ-2 мутирал некаде во средината на јануари во нов сој, кој предизвикува полесна клиничка слика и е присутен во околу 70% од инфекциите, а „оригиналниот“ сој останува и понатаму присутен со околу 30%. Овој оригиналниов предизвикува потешка клиничка слика.
Ако е ова точно, тогаш е сосема јасно дека во случаите со наводно повторување на инфекцијата, станува збор за инфекција со мутираниот сој.
Во една ваша изјава на почетокот од кризата рековте дека коронавирусот од следната година ќе стане дел од листата вируси како што се и останатите. Ако се суди по начинот на кој сега светот се справува со овој вирус, треба ли да очекуваме исти сцени секој октомври-ноември?
ДАНИЛОВСКИ: Кога-тогаш и овој вирус ќе се вброи во листата на вируси кои сезонски се јавуваат меѓу луѓето. Такви се причинителите на обичната настинка (норавируси, ротавируси, 2 типа на коронавируси), вирусот на грипот. Меѓутоа, неизбежно, прво мора да помине еден период на адаптација, период во кој тој прво ќе се „одомаќи“ меѓу луѓето, кога ќе воспостави одредена еколошка рамнотежа. Бидејќи е нов на планетава, тој неизбежно мора да допре до најголем дел од популацијата, за потоа, откако ќе го изгуби епидемискиот потенцијал, во наредните години да се јавува спорадично или во форма на помали епидемии, апсолутно аналогно на нашиот стар познајник, вирусот на грипот.
Со овој корона вирус, меѓутоа, секогаш ќе имаме поголем проблем, зашто смртноста што ја предизвикува е околу 10 пати поголема отколку на грипот (кај грипот е 0,1%, а кај короната 1-2%, а во Италија и до 7%). Затоа, ќе биде секогаш многу важно граѓаните задолжително да се вакцинираат.
Значи вакцината е решение? Дали тоа значи дека во иднина оваа вакцина би била задолжителна? Што ако некој не сака да се вакцинира?
ДАНИЛОВСКИ: Да, вакцината ќе биде најдноставниот начин за заштита од овој вирус. Во спротивно, граѓаните, особено оние повозрасните, ќе си го ризикуваат животот.
Сметам дека вакцината ќе мора да биде задолжителна, имајќи предвид колку страшни се последиците од слободно ширење на вирусот. Ова што го доживува цела планета е токму она што го доживувале жителите на Земјата за време на пандемијата на чумата („црна смрт“) во XIV век и за време на пандемијата на „шпанската грозница“ (грип) во 1918 година. Тоа биле времиња кога немало ниту лекови, ниту вакцини…
Ако некој не сака да се вакцинира, мора најстрого да одговара! Нема земја во светот што ќе дозволи да се загрози здравјето на заедницата заради некакви свои уверувања на поединци. Едноставно, тоа е неприфатливо. Секој член на една човечка заедница мора да е свесен дека колективното здравје е стратешки интерес со безбедносно значење, кое е над личните интереси и права! интерес е над индивидуалниот! Многумина тоа не го сфаќаат…
Теориите на заговор се едно, но реалноста на крајот од денот вели дека од овој вирус најпогодена ќе биде економијата и тоа на едно глобално ниво. Остава ли простор ова сепак мутациите на ваквите вируси може да бидат производ на лаборатории?
ДАНИЛОВСКИ: Секогаш е можно некои болни умови да дојдат на идеја да создадат моќно биолошко оружје во форма на вирус, со употреба на генетски инжењеринг.
Меѓутоа, исто така, факт е дека, за разлика од бактериите, вирусите во природата често мутираат. Тие мутации може да бидат минорни и да не ја нарушуваат основната структура на геномот на вирусот. Но, ако тие мутации се поопсежни и ако се промени во основа геномот, тогаш ќе се генерира практично сосема нов вирус (сој), за кој меѓу луѓето нема да има специфична заштита.
Пример е најновиов САРС-КоВ-2, кој во основа е сличен по својот генотип со неговите „роднини“, САРС-КоВ-1 (предизвикувач на САРС во 2002-2003 година), вирусот на МЕРС во 2012 година и двата корона вируси кои предизвикуваат обична настинка, но сепак доволно е различен, за да претставува сосема нов тип, против кого луѓето немаат специфични антитела во себе. Поледица е неговото слободно ширење меѓу луѓето.
Економијата задолжително страда при вакви масовни несреќи. При пандемии страда светската економија. Тука лежи и одговорот дали овој вирус е вештачка творба. Имено, дали некој би употребил ваков вид биолошко оружје против некого, истовремено знаејќи дека и самиот ќе страда!? Во случајов со овој корона вирус, нема држава на планетава што е поштедена! А да, пардон, има земји во Африка со многу мал број случаи… За верување ли е дека вирусот е пуштен од некој од нив?
Македонија, но и цела Европа практично е еден огромен карантин. Ситуација непозната во поновата светска историја. Нема ли да произведе ова едена друга состојба на параноја и психички последици кај луѓето. Однесувањето по маркетите, на социјалните медиуми, во јавноста.. се тоа наликува на една општа неконтролирана хистерија?
ДАНИЛОВСКИ: Пандемии не се случуваат баш често во светот… Последен пат тоа било во 1918-1920 година со пандемијата на шпанскиот грип, кога умреле меѓу 50 и 100 милиони луѓе!
Стравот, загриженоста, анксиозноста, паниката, се реакции својствени за човекот кога ќе биде загрозен, а кога му е јасно дека излез нема!
Реакциите се различни кај разни луѓе. Некои реагираат трезвено, рационално, се мобилизираат адекватно да одговорат на предизвикот, но никогаш не паничат. За жал, тие се во малцинство. Најголемиот дел ќе влезе во состојба на ирационален страв, паника… што ги прави нивните реакции параноидни. А тоа може да создаде меѓучовечки конфликти… општо земено, психоза на нетрпеливост, загрозеност… Тоа е неминовно. Обата типа на поведение се сосема, би рекол логични и „легитимни“.
Но, има и една трета категорија на граѓани, чиешто поведение се манифестира со инфантилна индиферентност, безгрижност и дури нагласена тенденција кон хедонизам. Не се тие необразовани. Има меѓу нив и со високи школи. Но, веројатно се примитивни личности, кои секогаш мислат дека намерно се преувеличуваат опасностите, па прават споредби со бројот на умрени од други причини, со цел да го релативизираат проблемот со короната. Па ќе чуеме дека од загадениот воздух се умира многу повеќе, дека од пневмонии се умира многу повеќе отколку од короната… итн. Е, таа категорија е најопасна. Со своето поведение, ги компромитираат сите напори преземани за ублажување на состојбата.
Има и една четврта група, чиешто поведение е исто така, опасно, не се тие хедонисти, но се апсолутни игноранти, луѓе од нижите социјални слоеви, без образование, кои едноставно не се доволно свесни за реалните опасности.
Така што, доаѓаме до круцијалниот проблем, што се јавува при секоја масовна катастрофа – недостигот на објективни информации, кои треба да стигнат до секој граѓанин. И кои треба да бидат соопштени на достапен начин за секого.
Само објективна информација ќе произведе и соодветна правилна реакција… барем кај повеќето.