Гаговски: 5G e НЕЈОНИЗИРАЧКО зрачење и не може да влијае на нашето здравје
Деновите социјалните мрежи беа преплавени со информациите за 5Г мрежата и наводното нејзино штетно влијание врз здравјето на луѓето и околината. Но, Илијанчо Гаговски кој е основач и Директор на PrymApps со професионално искуство повеќе од 23 години работа во ИТ индустријата, и 11 години како прв човек на канцеларијата на Microsoft во Македонија вели дека 5г мрежата има нејонизирачко зрачење и неможе лошо да влијае на нашето здравје. Неговиот Facebook статус околу оваа тема ви го пренесуваме во целост:
„Ај за тоа 5G-то да се објасниме…просто ме вади од кожа кога ќе видам луѓе кои инаку се сосема разумни, да се „упецаат“ на будалаштините кои се пишуваат за оваа нова технологија.
5G е ознака за петтата генерација на безжични комуникациски технологии. 5G ќе ги користи дел од веќе постоечките фреквенции кои се користат и со 4G имено 900 MHz, 1800 MHz, 2.6 GHz и 3.5 GHz. Дополнително, ќе користи френквентни опсези и околу 24 GHz, 28 GHz и 40 GHz, со тоа што најексплоатиран ќе биде опсегот околу 26 GHz. Највисоките фреквенции за кои се зборува се 81-86 GHz, ама тие веројатно нема да бидат mainstream…запамтете ги бројкиве значи…24 до 40 GHz…
Нов поим – јонизирачко и нејонизирачко (електромагнетно) зрачење.
Јонизирачко зрачење е такво зрачење кое има доволно енергија да избие електрон од некој атом или молекул и со тоа да го „јонизира“ (јон е атом или молекул со (нето) позитивно или негативно електрично полнење заради загуба на електрон или вишок на електрон, соодветно). Ако еден атом или молекул се јонизира, тој може да ја промени хемиската врска во која дотогаш бил стабилен и да создаде нова хемиска врска. Ако тоа се случи со молекул на ДНК, тоа може да е проблем заради тоа што ќе настане конфиграција на ДНК-то која не ја носи оригиналната инфромација хемиски закодирана во неа, што може да доведе до несакано однесување во конкретната клетка на пример клетката да се „збудали“ и да се претвори во рак.
„Јонизирачко зрачење“ значи = „лошо“
Нејонизирачко зрачење е пак такво да НЕМА енергија да избие електрон од атом или молекул. Тоа значи дека НЕ МОЖЕ да ја растури хемиската врска на молекулот на ДНК и НЕ МОЖЕ да предизвика рак.
„Нејонизирачко зрачење“ значи = „немај гајле“
Е сега, кое зрачење е јонизирачко, а кое не е….Види слика….Јонизирачко зрачење почнува на крајот на ултравиолетовиот дел на спектарот, веднаш под Х-зраците. Затоа сунчање без заштита долго време, може да предизвика рак на кожа. Рентгенска снимка (х-зраци) носи ризик, ама само ако е долготрајно и/или често…5G ќе зрачи на 40 GHz или во делот на сликата кој вика Microwave т.е. длабоко во делот на спектарот кој е НЕЈОНИЗИРАЧКИ.
Ултравиолетовиот дел на спектарот (каде отприлика почнува јонизирачкиот дел од спектарот) е во опсег од 750–950 THz – ТЕРАХЕРЦ…значи…1 ТераХерц = 1000 ГИГАХЕРЦИ….да се сетиме на бројките од погоре……Ултравиолетовиот дел на спектарот почнува значи од 750 THz = 750 * 1000 GHz = 750000 GHz…5G како што кажавме, нели, зрачи на 40GHz….
Значи, 40 GHz – телефон со 5G технологија, 750000 GHz – сунчање на плажа.
Мислам дека станува јасна поентата – 5G e НЕЈОНИЗИРАЧКО зрачење и не може да влијае на вашето здравје. Едино може да влијае термички, да го загрее ткивото до кое е допрен таков извор на зрачење (телефон) и тоа е се…
Све друго, врапчиња шо умирале, вирус шо се појачувал…и што ли уште не – се БУ-ДА-ЛАШ-ТИ-НИ!!!“
Facebook статус: Илијанчо Гаговски