Кинезите лажеле за бројот на заразени со Ковид -19 тврди Блумберг
Кина не ги покажала вистинските податоци ниту за бројот на заболени луѓе, ниту пак за бројот на смртните случаи, објави Блумберг повикувајќи се на извештај од американските разузнавачи.
Ваквиот извештај на разузнавачките служби на САД, во текот на минатата недела стигнал и до официјален Вашингтон. Сомнежот се појавил, откако во близина на мртовечниците во провинцијата Хубеи имало многу повеќе урни со пепел, од официјалните бројки што ги прикажувале властите на Кина.
Една од водечките имунолози и член на координативното тело на Белата куќа за борба со коронавирусот, Дебора Брикс, синоќа изјави дека на овој начин се направиле и погрешни претпоставки за тоа како ќе се прошири коронавирусот во останатите делови од светот.
Истовремено, Блумберг наведува дека Кина не е единствена осомничена земја, зошто според наводите и други земји во светот прикриваат податоци за состојбата со коронавирусот. Тие според изданието се Иран, Русија, Индонезија и посебно Северна Кореја, која до сега нема пријавено ниту еден случај.