Во Германија повеќе од две илјади здравствени работници заболени од коронавирус
Во Германија повеќе од две илјади лекари, медицински сестри и друг болнички персонал се заболени од коронавирус, објави „Зидојче цајтунг“.
Институтот за јавно здравје „Роберт Кох“ потврдил дека официјално се заболени 2.300 здравствени работници, но дека бројот сигурно е поголем.
„Мора да се претпостави дека не се регистрирани сите случаи“, рекле од Институтот.
„Зидојче цајтунг“ објави дека новинарите испратиле безмалку 400 барања за пристап до информации од јавен карактер на адреса на сојузното, покраинските и локалните министерства за здрвство, но дека не успеале да го утврдат точниот број на заболени медицински работници затоа што некои локални служби не воделе никаква евиденција.
Во најмногубројната германска покраина Северна Рајна Вестфалија инфицирани се 322 здравствени работници, а уште 1.485 се во самоизолација, но немаат податок колку меѓу нив се лекари.
До пред неколку дена се збореше дека Германија располага со 28.000 кревети на одделенијата за интенизна нега, како и 25.000 распиратори, а дека планот е бројот на кревети двојно да се зголеми и да се набават уште 10.000 распиратори.
Но, првиот човек на Германската болничка фондација, Герал Грас, рече за дневниот весник „Рајнишен пост“ дека бројот на кревети веќе е подигнат на 40.000, а дека три четвртини од нив, 30.000, се опремени со распиратори.
Околу 2.000 пациенти со коронавирус во Германија се на интензивна нега. Германија прими и повеќе од 100 пациенти со тешка клиничка слика од Италија и Франција