Градоначалникот на Куманово со солзи во очите проговори за последиците од коронавирусот во Куманово

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски кој е позитивен на Ковид-19 проговори за последиците од пандемијата на коронавирусот во градот.

Димитриевски вели дека во едни вакви тешки времиња, човек може единствено да се потпре на своето семејство. Тој со солзи во очите откри дека дел од заразените со кои што контактирал веќе се мртви.

Меѓу другото, градоначалникот на Куманово порача дека се играат „страшни дворски игри“ во едни такви тешки времиња и порача дека ќе остави времето да покаже кој бил во право.

„Во целиот овој конгломерат на несовесни граѓани, од кои што не бегам од одговорност, можам да кажам дека има луѓе кои што се подготвени да сторат се за да стигнат до целта. Времето ќе покаже кој погрешил. Знам дека страшно се лажеше од лица кои што се одговорни и не смеат тоа да го прават во овие моменти, затоа што истите одговараат за здравјето на сите нас“, порача Димитриевски.

Првиот човек на Куманово заклучи дека има „двојни стандарди“, откривајќи дека општината побарала исти мерки како и во Дебар. Димитриевски запраша зошто нешто би можело да важи за Дебар, а не за Куманово, или сега нешто да важи за неговиот град, а не за Тетово.

Translate »