Од утре задолжително носење маски или шалови во маркети, банки, зелени пазари…
Маски, шалови или марами со кои ќе се покријат носот и устата од утре се задолжителни за сите граѓани на територијата на целата земја. Ова денеска беше одлучено на седница на Владата. Техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција ги објасни новите, т.н помеки мерки на Владата. Носот и устата може да бидат покриени со респираторна маска, хируршка маска за една употреба, свилена или памучна марама или шал.
Оваа мерка, како што објасни Спасовски, се воведува бидејќи повеќето од заболените се заразиле со капки од вирусот кои ги вдишиле од заболено лице.
Носот и устата ќе треба да бидат покриени на отворен и затворен простор и во јавен сообраќај. Заштитна опрема ќе треба да носиме во затворни јавни места, маркети, продавници, пошти, кога се возиме во автобус, на пазари, на отворени простори каде нема можност да се одржува физичка дистанца од два метра. Не треба да се носат ако се наоѓаме во двор или тераса во својот дом, ако спортуваме или ако се возиме во патничко возило со член од нашето семејство.
Исто така се забранува групирање од повеќе од две лица, за да се избегне локална трансмисија на вирусот, а во групирањето нема да се вбројуваат деца под 14 години. Задолжителна ќе биде самоизолацијата по извршено тестирање за сите странски и домашни лица.
Полицискиот час и од утре ќе трае од 19 до пет часот наутро и за викенди од 15 часот, во сабота попладне до пет часот во понеделник.