Се намалуваат цените на бензините

Рекордно ниски цени на дизелот и на мазутот во Македонија. Регулаторната комисија за енергетика ги објави малопродажните цени по кои нафтените деривати ќе можат од ноќеска на полноќ да се набавуваат на бензинските станици.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 4 денари за литар, така што од утре истиот ќе се продава за 42,50 денари за литар. Никогаш пониска во изминатиов период не била ниту цената на мазутот, која што со најновата одлука на регулаторите е намалена 2,178 денари за килограм и од утре ќе се продава по 16,945 денари за килограм.

Од ноќеска на полнок ќе има намалување за 2 и пол денари за литар на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, кој на бензински станици ќе може да се набави по цена од 49,50 денари за литар. Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 2 денари за литар и со тоа истиот ќе може да купи за 52 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 30,50 денари за литар, односно за три и пол денари помалку во споредба со изминатава недела.

Намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати е во просек за 7,76 отсто во споредба со последната одлука на РКЕ донесена на 21 април. Формирањето на актуелните цени е резултат на намалувањето на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатата недела, како и на курсот на денарот во однос на доларот.

Translate »