Кривична пријава за кумановскиот градоначалник, СДСМ се оградува од неговите изјави
Кривичната пријава против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска пристигнала во Основното јавно обвинителство Куманово. Пријавата која вчера ја потврди министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев е поднесена поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Димитриевски синоќа на социјалните мрежи напиша дека кривичната пријава против него е класична злоупотреба на инструментите на власта и праша дали на повидок е нов режим.
„Кривична пријава? Класична злоупотреба на инструментите на власта. Легитимна постапка со независни и непристрасни професионалци ќе ја покаже вистината. Навикнат сум на борба. И понатаму со ист интензитет заедно со истомислениците ќе продолжам да се борам. Во минатото се борев против режим. Дали е на повидок нешто слично? Мојот приоритет во овие моменти е борба против епидемијата и здравјето на граѓаните. Правдата и вистината секогаш победува“, напиша Димитриевски.
Владејачкиот СДСМ се огради од неговите коментари, истакнувајќи дека законите треба да важат за сите подеднакво, а институциите да постапуваат согласно законите.
„СДСМ се оградува од ваквите изјави на Максим Димитриевски и од неговото однесување во последните денови. Владата предводена од СДСМ останува целосно посветена на здравствената состојба и во Куманово и секако на територијата на Република Северна Македонија. Изјавите за тоа дали наликувало на режим или слично со сигурност нема да ги спречат институциите да постапуваат и дејствуваат согласно законите за што и самиот Максим Димитриевски е свесен дека во нашата држава законите важат еднакво за сите“, рече Костадинов.