Во 34 земји во светот не е пријавен ниту еден случај на зараза со коронавирус
Вкупно 34 земји и територии во светот не пријавиле ниту еден случај на зараза со коронавирус, пренесува “Ројтерс”.
На списокот земји без ниту еден пријавен случај, помеѓу останатите се наоѓаат и Комори, Лесото, Таџикистан и Туркменистан, како и островите во Тихиот Океан како што се Науру, Кирибати и Соломонските острови.
Од вкупно 247 држави и територии кои ги признале Обединетите Нации, 213 до 20 април пријавиле барем еден случај на зараза, а 186 и пренесување на вирусот во локалната заедница.
Смртни случаи поврзани со заболување од Ковид-19 се пријавени во најмалку 162 земји.
“Ројтерс” напоменува дека изостанокот на пријавени случаи во некои земји не мора да значи дека ги нема. Како пример, агенцијата ја наведува Северна Кореја која досега не регистрирала ниту еден случај, но е познато дека се граничи со Кина, Русија и Јужна Кореја во која има голем број на заразени и постои можност дека вирусот сепак се проширил и во таа земја.
Пет земји и територии успеале да се изборат со вирусот по само неколку пријавени случаи на зараза, а тоа се Јемен, Ангвила, Гренланд и карипските острови Свети Бартоломеј и Света Луција.
Ниту една од споменатите земји и територии не пријавила смртен случај ниту активно заразени пациенти, а пациентите кај кои била потврдена заразата во целост закрепнале.