Сицилија ви плаќа да ја посетите штом заврши пандемијата на коронавирусот
Земјите ширум светот почнуваат да размислуваат како повторно да привлечат туристи, но Сицилија веќе има план!
Италијанскиот остров Сицилија е многу популарен помеѓу туристите – барем беше, пред пандемијата на коронавирусот. Вирусот влијаеше во помала или поголема мера на туризмот во сите земји, а извесно е дека Италија, една од најпогодените земји, и тоа како ќе ги почувствува последиците и во оваа сфера.
Меѓутоа, Италијанците одлучиле да не ја препуштаат работата на случајот, па така италијанскиот министер повика туристите да летуваат токму во оваа земја, но Сицилија отишла еден чекор понапред.
Островот е затворен од 10 март, а се проценува дека загубите во туризмот досега се околу една милијарда евра. Затоа, властите на Сицилија смислиле план како да ги привлечат туристите штом се отворат границите.
Тие одлучиле на туристите да им ги покријат трошоците односно да им платат половина од авионската карта и третина од хотелските трошоци, како и да им поделат бесплатни карти за многу музеи и археолошки атракции.
Туристите својот ваучер ќе можат да си го обезбедат на сајтот “Visit Sicily”, веднаш откако земјата ќе ги отвори границите. Засега сè уште не е познато кога ќе биде тоа, но е најавено отворање на рестораните на 4 мај, како и отворање на производствениот и градежниот сектор.
Се очекува дека есента ќе биде најдобар период за патување во Италија, но сепак сè зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата кога станува збор за коронавирусот.