Штипјанец раководи со интернационален тим на научници за креирање вакцина против Ковид-19
Македонецот Панче Наумов, кој на светската научна јавност е познат по неговите истражувања и пронајдоци во делот на хемијата деновиве во Обединетите Арапски Емирати е награден со специјален статус. Тој за МИА вели дека наградата е „златна виза“ за неговиот придонес кон науката на оваа држава, статус којшто во иднина ќе му овозможи да работи и живее во оваа земја. Специјалната награда за првпат беше воведена минатата година, а се доделува на мал број истакнати бизнисмени, истражувачи, доктори, иноватори и други професионалци, коишто имаат особено важен придонес за развојот на Обединетите Арапски Емирати.
-Признанието се доделува од страна на неговото височество Мохамед бин Рашид Ал Мактум, Вице-Претседател на Обединатите Арапски Емирати (ОАЕ), Премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи. Јас сум еден од десетината добитници од областа на науката оваа година и единствен Македонец којшто има ваков статус, вели Наумов.
Помеѓу другите добитници на оваа награда од други области, како што е спортот, се истакнати меѓународни спортисти како Новак Ѓоковиќ и Кристијано Роналдо.
Панче Наумов е роден во Штип, но со неговата научна работа, тој е граѓанин на светот, веќе осум години живее и работи во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, како професор на Универзитетот „Њу Јорк“. За МИА појаснува дека оваа „златна виза“ е за неговиот придонес кон науката на ОАЕ, а особено за неговите истражувања во областа на хемијата, науката за материјалите, како и неговиот придонес кон истражувањата што придонесуваат за подобро искористување на суровата нафта. Универзитетскиот професот Наумов е еден од нашите најистакнати македонски научници со меѓународно реноме, и еден од само 33-те членови на Академијата на науки на Обединетите Арапски Емирати. Тој е и еден од основачите на оваа Академија за науки.
Докторот по хемиски науки и наука за материјали Панче Наумов е професор на Универзитетот во „Њу Јорк “(New York University), а од пред две години и на Институтот Редклиф за напредни науки на Универзитетот „Харвард“. Како професор на Универзитетот „Њу Јорк“ е основач на Одделот за хемија на дисперзираниот огранок на овој универзитет во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Истовремено е и насловен вонреден професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Научникот Наумов во вистинска смисла на зборот неколку години живее и работи меѓу неколку градови на земјината топка. Постојано патува меѓу Абу Даби, потоа Бостон во САД, Гоа во Индија и Охрид во Северна Македонија.
Тимот на научници со кои раководи Наумов работи на вакцините против Ковид-19
Со светот завледа невидливиот непријател коронавирус. Пред да почне корона кризата област на научен интерес на доктор Наумов беше науката за материјалите, со посебен акцент на таканаречените паметни материјали. Овие материјали се сметаат за материјали на иднината и имаат примена во паметни електронски уреди, како што се микророботи, персонализирана медицина и меки телекомуникациски уреди. Лабораториите на Наумов работат и на материјали коишто се користат за подобро искористување на суровата нафта, што е од директен интерес на економијата на Обединетите Арапски Емирати и на Средниот Исток, а има големо влијание и на светската економија. Во разговорот за МИА, 45 годишниот Наумов вели дека со оглед на последните случувања со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19, дел од лабораториите, со кои раководи од неодамна се преструктуирани за потребите на истражувања на потенцијални термички стабилни вакцини против овој вирус. Поголем дел од вакцините што се развиваат се нестабилни и се распаѓаат на собна температура.
-Дел од нашите истражувања се насочени кон изнаоѓање на методи за термичка стабилизација на идната вакцина за КОВИД-19. Многу вакцини, без разлика дали се на база на неактивни вируси или нивни протеински компоненти, или пак се хемиски соединенија, се термички лабилни и мора да се чуваат на ладно од синтезата, до местото на употреба. Таков е случајот со вакцините за полио, тифус, маларија, а меѓу другите и неколку од кандидатите кои моментално се тестираат за превенција или третман на КОВИД-19. Пред две години мојот тим објави труд во научното списание Напредни биосистеми (Advanced Biosystems), каде што ние, покажавме дека големи честички какошто се вирусите може успешно да се стабилизираат, во релативно евтини материјали, како носачи. Ваквите вируси, во активна или неактивна форма би можеле да се користат како вакцина која ќе биде термички стабилна и нема да има потреба од разладување коешто често придонесува вакцините да се расипат и да станат неупотребливи,особено на лето или пак при траснпорт во оддалечени рурални средини, вели Наумов.
Научниот тим со кој раководи Наумов истражувањата и резултатите што ги добиле се направени на растителни вируси како модел, и тоа поточно на вирусите што ги напаѓаат растенијата на тутунот. Посочува дека поради тоа што работата со активни човечки вируси бара специјални услови на безбедност, сепак тие веруваат оти ист или сличен принцип би можел да се искористи и кај човечки вируси.
-За жал, нашите истражувања засега се стагнирани поради карантинот и се одвиваат со многу намален интензитет. Се надеваме дека и при такви тешки и ограничени услови за работа, ќе успееме да придонесеме за подобрување на квалитетот на вакцината, кога таа ќе ги помине трите нивоа на тестирања пред да биде достапна во клиничката пракса, вели Наумов.
Научните трудови и наградите на Наумов
Панче Наумов е научник од светски калибар. Меѓу својата генерација во штипската гимназија „Славчо Стојменски“ беше познат како вундер кинд, генијалец, мултиталентиран. Предизвик му беа природните науки, заврши на дипломските студии на Инстиутот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а со докторат по хемиски науки и наука за материјалите се стекна на престижниот јапонски Институт за Технологија во Токио во 2004, како добитник на стипендија од Владата на Јапонија.
По докторирањето работеше во Јапонскиот национален институт за материјали, а како професор и на универзитететите во Осака и Кјото. Во тој период беше вистински амбасадор на својата земја, презентирајќи ги убавините, традицијата и автентичната храна на нашата земја. Течно говори, но и го пишува јапонскиот јазик, па додека беше во Јапонија држеше курсеви по англиски јазик на Јапонци.
Пред осум години добива нова понуда и се сели како професор на Универзитетот „Њу Јорк“ во Абу Даби. Наумов е добитник е на бројни награди и признанија, како што се наградата од фондацијата Александар фон Хумболт во Германија, награда од Институтот Редклиф при Универзитетот „Харвард“ во САД, потоа наградата од фондацијата Цимерман при американскиот Универзитет во Синсинати , наградата за најдобар млад истражувач од областа на фотохемија на Азија во Јапонија, наградата за најдобар дипломиран студент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ -Скопје, како и Осмоноемвриската награда на град Штип.
Тој за МИА вели дека во неговата досегашна кариера има објавено преку 220 научни трудови, што се цитирани во научната литературе повеќе од 5000 пати, вклучително и некои од врвните научни списанија, како што се Природа хемија (Nature Chemistry), Природа соопштенија (Nature Communications), Списание на американското хемиско друштво (Journal of the American Chemical Society), Напредни материјали (Advanced Materials) и други списаније објавувани од Американското хемиско друштво, Кралското хемиско друштво на Велика Британија, Германското хемиско друштво, и други издавачи. На разни конференции, доктор Наумов одржал преку 300 предавања, а на покана на други истражувачки институции одржал преку 80 предавања по покана. Наумов е член на многубројни научни друштва и здруженија, како што се Американското хемиско друштво, Кралското хемиско друштво, Европската кристалографска асоцијација, Јапонското хемиско друштво, како и Академијата за науки на Обединетите Арапски Емирати.
Според релевантните статистички податоци, истражувачката група на научникот Наумов е прва во Емиратите според квалитетот на објавените трудови научни трудови од областа на хемијата. Според меѓународно признаениот индекс на списанието Nature (Природа) во 2015 година, неговата група објавиле 63% од сите трудови од областа на хемијата од Обединетите Арапски Емиратите. Во 2016 година тој број достигнал 70%, а во 2019 65%. Само минатата година групата објавила преку 20 оригинални научни публикации во списанија со висок фактор на влијание , односно импакт фактор. Овие бројки ги рефлектираат не само квантитетот, туку и квалитетот на научните истражувања во групата на нашиот доктор по хемиски науки Наумов, коишто се меѓународно признаени и ценети.