Германски медиуми: Пандемијата ги претвори Американците во второкласна нација
Пандемијата на коронавирусот ја покажа неспособноста на американските власти – корумпираната политичка класа и алчните претприемачи не изреагираа на време, а населението се најде во “ризичната група” и стана “второкласна нација”, пишува германскиот весник “Zeit”.
Кога коронавирусот пристигна во САД, земјата веќе патеше од “тешки хронични болести”, а тоа Covid-19 немилосрдно го искористи, пишува американскиот новинар Џорџ Паркер на страниците на германскиот весник.
“Корумпираната политичка класа, скаменетата бирократија, суровата економија, поделениот, отсутен народ – се проблеми кои со години никој не ги гледал. Американците се навикнаа да живеат со тие симптоми, но пандемијата ја покажа нивната сериозност. Како резултат на тоа, граѓаните на САД сфатија дека се наоѓаат во “групата со зголемен ризик””, пишува новинарот.
Во кризната ситуација требало да се делува брзо, рационално и заеднички, истакнува Паркер. Наместо тоа, САД се однесувале како “Пакистан и Белорусија”, односно како земји со неразвиена инфраструктура и некомпетентна власт, додава тој.
“Претседателот Доналд Трамп го одликуваат кратковидноста, способноста за лажење, фалење и префрлање на вината на други, додека неговите соработници ширеа теории на заговор и зборуваа за чудесниот лек за вирусот. Некои сенатори и претприемачи дури и можеа да заработат на трагедијата”, пишува новинарот.
Според неговите зборови, поради терористичкиот напад кој се случил на 11-ти септември, војната во Ирак и финансиската криза во 2008-ма година, американското општество се соочило со епидемијата во момент на големо незадоволство во политичката класа.
“Настаните од последните две децении направија голем раздор меѓу високите и ниските слоеви, републиканците и демократите, жителите на градовите и селата, обичните граѓани и нивните политички лидери”, оценува Паркер.
Според неговите зборови, Трамп од работните места ги протерал најискусните државни службеници и се окружил со исплашени и лојални луѓе.
После тоа спровел и даночна реформа, поради која претприемачите и богаташите станале побогати за милијарди долари.
“Пандемијата покажа дека научниците и искусните службеници се незаменлив кадар. Поради долгогодишните напади на државниот апарат, Американците сега мора да плаќаат со своите животи. Станавме второкласна нација. Пандемијата покажа дека глупавоста и неправдата се смртно опасни, а смртта може да биде единствената алтернатива за солидарноста”, заклучува Паркер.