Орбан објави мапа од Голема Унгарија: Експресно реагираа словенечкиот и хрватскиот претседател
Словенечкиот претседател Борут Пахор, коментирајќи го потегот на унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека такво нешто може да се смета како територијална претензија и може да предизвика загриженост кај демократската јавност.
Словенечкото министерство за надворешни работи соопшти дека јавно нема да коментира објавување на историски мапи во едукативни, историски или слични цели, освен ако тие не се јасно поврзани со ревизионизам.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе неколку дена по ред на својот профил на Фејсбук им упатува добри желби на матурантите во пресрет на тестирањата, а во средата пред тестот по историја објави глобус со историска мапа на Голема Унгарија која ги опфаќа териториите на денешна Словенија, Хрватска, Србија и Романија.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ им порача на хрватските матуранти да учат од историјата, но да гледаат во иднината.
Тој на Фејсбук порача дека најголемиот дел од европските земји во своите витрини имаат историски мапи на кои нивните земји секогаш се поголеми од тоа што се денес, но тие се неостварливи и секогаш ги иритираат соседите.