Грција ги отвора границите на 1-ви јули, на плажите без спорт, музика и алкохол
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најавил дека таа земја ќе ги отвори границите за странски туристи на 1-ви јули, ако ситуацијата во врска со коронавирусот се одвива според планот.
“Ќе го отвориме туризмот на 1-ви јули ако тоа биде исправно и за оние кои сакаат да патуваат и за нашата туристичка индустрија”, рекол Мицотакис на онлајн конференција со Бостонската консултантска група, на која учествувале 500 лидери.
Тој изразил уверување дека правилното управување со пандемијата ќе доведе до брзо економско закрепнување, пренесува “ANA”.
Додал дека инвестицискиот програм ќе продолжи според планот и повикал на вложување на поголеми напори во борбата против климатските промени.
Грција овој викенд ќе отвори 515 организирани плажи, што се смета за клучен тест во борбата за почеток на туристичката сезона.
На плажите ќе бидат забранети спорт, музика и алкохол, а по совет на научниците, поради физичка дистанца ќе биде дозволено да има само 40 луѓе на 1.000 квадратни метри.
За непочитување на прописите предвидени се парични казни од 5 до 20.000 евра, кои ќе бидат дуплирани ако се повтори прекршокот, најавил заменик министерот за безбедност, Никос Хардалиас и додал дека ако претпријатијата не ги почитуваат правилата, прво ќе бидат затворени на 30, а потоа и на 90 дена.
Се проценува дека туризмот сочинува 25 проценти од грчкото БДП.