Првата европска земја која прогласи победа во борбата против коронавирусот: Епидемијата е завршена!
Словенија стана првата европска земја која прогласи победа во борбата против епидемијата на опасниот коронавирус.
Словенечките власти во текот на вчерашниот ден и официјално соопштија дека повеќе нема епидемија на Ковид-19 во нивната земја. Објавата доаѓа откако во оваа земја во последните две седмици беа регистрирани помалку од 7 случаи на заразата дневно.
Прогласувањето на крај на епидемијата значи дека се укинуваат и бројни рестриктивни мерки, па така лицата кои од Европската унија влегуваат во Словенија не мора да поминат најмалку 7 дена во карантин, мерка која ја воведе официјална Љубљана на почетокот на април.
Од почетокот на епидемијата во Словенија беа регистрирани вкуно 1,464 заразени и 103 смртни случаи.
„Словенија денес ја има најдобрата епидемиолошка слика во Европа. Ова овозможува ублажување на некои мерки кои досега беа потребни со цел да се контролира ширењето на Ковид-19, но не и да има нивно целосно укинување“, порача словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Што се однесува до вкупната статистика, Словенија има 704 заразени и 50 смртни случаи на милион жители. Според тие бројки во Европа и натаму најдобро стои Словачка која има 271 заразени и само 5 починати на милион жители.
Словенечките медиуми одлуката ја нарекуваат „изненадувачка“ со оглед на тоа што премиерот Јанша вчера во четвртокот во парламентот најави крај на некои рестрикции кон крајот на мај. Сепак, медиумите нагласуваат дека и покрај владината одлука, на сила и натаму остануваат мерките за социјална дистанца, хигиена на рацете, носење на заштитна маска, а на сила останува и забраната за поголеми јавни собири.