ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ЗАВРШУВА В САБОТА, ПАРТИИТЕ СЕ УШТЕ БЕЗ ДОГОВОР ЗА ДАТУМ
Советот за безбедност в сабота на пладне во претседателската вила „Водно” ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба. Сабота е последниот ден кога истекува третата – двонеделната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.
Пендаровски, како што потврдија за МИА од Кабинетот на шефот на државата, ќе го свика Советот за безбедност в сабота, без оглед дали ќе има ново барање од Владата за продолжување на вонредната состојба.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека Владата до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе има прогласување нова вонредна состојба која, како што рече, е потребна пред сé за спроведување на економските мерки.
– Ако имаме потреба врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме и кога ќе заврши вонредната состојба, по 22 дена ќе се одржат изборите, истакна Спасовски по посетата на Карбинци.
Партиите, пак, се уште се без договор за датум за избори. Нема најава за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, откако на двете претходни не беше постигнат договор за терминот за изборното соочување.
Според претседателот на СДСМ Зоран Заев, државата има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот на есен целосно подготвени.
На граѓаните и на државата им требаат институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност, со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија, објави Заев на фејсбук.
Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е непромент – брзи избори не се прифатливи и најважно е здравјето на граѓаните. СДСМ, како што велат, сака избори по секоја цена само за да го намали неизбежниот пораз. Тие не се против избори, но во соодветен термин. Тоа, според нив, би било на крајот на август или почетокот на септември. Потврдуваат дека постои канал на комуникација, но епилогот засега е неизвесен.
– Како што кажа и претседателот Мицкоски, канал за комуникација постои. Ние остануваме на нашиот став и тоа е непроменет дека сепак треба да се створат услови за избори. Здравјето на граѓаните е пред се, но да почекаме наредниот период да видиме како ќе се развиваат настаните вклучително и здравствената ситуација, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Аровски.
Вицепремиерката и министерка за одбрана и потпретседател на СДСМ Радмила Шекеринска вчера порача дека ни се потребни избори што е можно поскоро за да функционираат државата и институциите.
– Мојот став е дека избори треба да организираме час поскоро затоа што ни треба држава и институции со полн капацитет за да им помогнеме на фирмите да преживеат, да им помогнеме на граѓаните кои ќе бидат во потешка социјална и економска ситуација, ни требаат закони, ни требаат пари и од странство, а за сите тие работи ни треба функционално Собрание. Мојот став е час поскоро и дефинитивно пред почетокот на летните месеци треба да ги организираме изборите, изјави Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Кичево.
Ова, како што рече, не се избори кои треба да бидат по „ќеифот” ниту на СДСМ, ниту на ДПМНЕ, туку се избори што треба да и овозможат на државата да функционира како часовник, а не да функционира со половина капацитет.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пак, смета дека разликите меѓу политичките партии, вклучувајќи ги и најекстремните позиции по однос на датумот за избори, не се разликуваат повеќе од десет -петнаесет дена.
-Сметам дека не се ненадминливи разлики и ако деновиве продолжи интензивната комуникација меѓу партиите, како што и се случува мислам дека може да се сретнеме некаде околу 5 јули, изјави вицепремиерот Османи.
Ставот на ДУИ, како што посочи, е дека ниту еден општествен процес не смее да ја влоши здравствената состојба, нешто со што, како што рече, се согласуваат сите политички партии и оти треба да има консензус по однос на датумот за избори бидејќи инклузивноста во процесот е многу важна за изборите.
Според Османи, најмалку што и треба на државата во услови на пандемија, на здравствена и економска криза, е политичките партии да се поларизираат до екстрем кој ќе ја доведе државата до политичка криза. Тоа, вели, не го посакуваат граѓаните и не и треба на државата.
Случувањата околу изборите и преговорите меѓу власта и опозицијата се следат во Брисел од каде порачуваат дека е потребен консензус бидејќи техничката влада „не може вечно” да трае.
-Разумно е да се размислува за избори, не може вечно да има техничка влада, но секако изборите треба да се одржат доколку условите се исполнети, велат за МИА високи функционери од Европската Комисија
Од Брисел, како и во европските престолнини, се укажува дека без функционално собрание и демократски избрана власт, во време на криза кога треба да се носат суштински одлуки, сите политички партии треба сериозно да се посветат на преговорите и да одредат датум за избори, на консензуален начин.
Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат, коментираат во институциите на ЕУ, посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија.