Томе Талевски- Можете да носите обична гардероба, но чевлите секогаш треба да се впечатливи!
1. Тргокожа Битола е македонска компанија која создава рачно изработени чевли и сандали, создадени од најквалитетна кожа и креирани со големо внимание, резултат на долга традиција во занаетчиството. Колку долго вашето семејство се бави со оваа дејност?
Почетоците беа во далечните 30 години од минатиот век кога мојот дедо беше чирак на негови 14 години кај еден мајстор во старата битолска чаршија, занаетот го учеше со љубов, стана калфа, а потоа и мајстор на својот занает. Тој целиот негов работен век го поминаво неговиот дуќан во старата битолска чаршија, се до 1989 година кога мојот татко го отвори дуќанот за продажба на готови чевли веднаш откако беше дозволено да се отвораат приватни фирми. Нашата фирма ,,Тргокожа Битола’’беше една од првите продажни компании во градот Битола.
Долги години потоа продававме обувки од италијанско производство но и од македонско производство, но секогаш во нас постоеше желбата да почнеме нешто свое од идеја, дизајн до изработка на финален производ, идеја за производство на чевли, рачно изработени во кои ќе се препознае врвното мајсторство и искуство на битолските занаетчии. Па така во 2003 година набавивме машини и опрема од Италија за почеток за мало и скромно производство. Со амбиција секоја година да правиме мали чекори кон развој на нашиот бренд за чевли ТК (Тркокожа Битола).
2. Многу брзо ќе ставите во функција нови машини, со што ќе бидете во можност да произведувате по 300 пара чевли дневно. Сериозен потфат кој ќе донесе бенефит за Битола и регионот. До каде се планираните активности?
Оваа година изградивме и нова хала и набавивме нова опрема за поголем капацитет на производство така да планот е за скоро да стигнеме од оптимална бројка ода 300 пара чевли на ден. Тоа ќе ни овозможи се надеваме брзо да почнеме и со извоз во соседните држави каде што веќе договараме соработка. За почеток со компании од Грција, па понатаму и со компании од другите земји. Ќе видиме како ќе се движат работите, оптимисти сме, пред се бидејќи имаме добар и квалитетен производ.
3. ФИТРпрепозна потенцијал во проектот на Тргокожа „Македонски рачно изработени чевли и сандали„ и го поддржа. Колку тоа дополнително Ве мотивира во работата?
Тоа посебно не мотивира затоа ние дополнително се одлучивме сериозно да инвестираме во нова хала и машини за поголем капацитет. Оптимисти сме, ги финализираме работите, по што се надеваме дека целиот овој труд, и три децениски сон ќе даде резултати.
4. Вашите производи се изработени од природен материјал-специјално обработена природна кожа без користење хемиски средства, која доаѓа од Италија. Кажете ни нешто повеќе!
Ние во производство користиме исклучиво природна кожа од Италија и за сандалите користиме посебна кожа вагета која се изработува во пределот Тоскана во Италија и која е препознатлива во цел свет и во моментот е тренд секаде во светот. Чевлите се пред се удобни, лесни и пријатни за носење, а потоа и со модерен дизајн, што ги прави да бидат вистински моден детаљ, за оние со префинет вкус.
5. Честопати велите дека вашите чевли и сандали се пријатели на животната средина. Зошто е тоа така?
Да се надополнам на претходното прашање нашите сандали се пријатели на животната средина бидејќи се изработени од природна вагета кожа која е изработена од природни бои без хемикалии кои се штетни за околина и за здравјето на човекот. И во процесот на нивно производство внимаваме да не ја загадуваме животната средина, и да креираме што помалку отпад.
6. Каде може да се купат вашите производи?
Нашите производи можат да се купат во старата битолска чаршија во нашиот дуќан кој постои од 1935 година и онлајн преку нашата веб страна, а за кратко време ќе можат да купат и во Скопје и во Охрид. Наредната година ние во план нашите ТК чевли да ги има во секој град во Македонија.