Нова вонредна состојба за следните 14 дена
Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на денешната седница на Советот за безбедност најави дека ќе донесе одлука за нова вонредна состојба во траење од 14 денови, која ќе почне да важи од утре.
Донесувањето на оваа одлука, рече, има за цел само да им овозможи на Владата и институциите ефикасно да се справуваат пред се со, како што рече, здравствените, но и економско-социјалните предизвици поврзани со кризата предизвикана од кононавирусот и не треба да се доведува во корелација со изборниот процес.
Третата, истотака, четиринаесетдневна вонредна состојба поради пандемијата со коронавирусот завршува денеска, а ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.
Претседателот Педаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.
Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.
Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.
Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.