35 новозаразени од вирусот, починаа уште 5 лица, меѓу кои и бебето кое беше испратено во Швајцарија

Денеска се потврдени 35 нови случаи на ковид-19 во Македонија, оздравени се 19, а починати се 5 лица, информираат од Министерството за здравство.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје (69г) хоспитализиран на 15 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (70г) примен во болницата на 17 мај и двајца од Скопје, пациент на возраст од 70 години, примен на 28 мај и 47 годишен пациент на болничко лекување од 21 мај.

Во денешниот извештај на ИЈЗ е евидентирано и бебето од Скопје кое, на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија каде починало. Бебето беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на ковид-19.

Во последните 24 часа направени се 1.120 тестирања, а регистрирани 35 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-22, Куманово-4, Штип-1, Тетово-6, Струга-1 и Гостивар-1.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2164, бројката на оздравени пациенти е 1535, на починати е 131, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 498.

Translate »