Туристичката организација Општина Будва ја започнува промотивната кампања за регионалниот пазар
„Гости, а домашни!“
„Будва и ова лето полно со љубов и со традиционалното добредојде сака да ги дочека сите гости од регионот, токму оние кои ние ги гледаме како многу повеќе од гости и кои низ текот на изминатите години и децении се заљубија во нашиот прекрасен брег. Гостите кои добро не’ познаваат и кои добро ги познаваме. Сите оние кои со нас ја чекаат Новата година, се веселат на карневалите и маскенбалите, со кои заедно ги одбележуваме славите и ги прославуваме празниците, дали тие кај нас или ние кај нив… Нашите пријатели од регионот не треба ги потсетуваме дека сме тука и не треба да им ги докажуваме нашите емоции, бидејќи нашата љубов и посветеност ги има преживеано сите предизвици досега“, истакна Маја Лијешевиќ, директорка на Туристичката организација на Општина Будва, промовирајќи ја кампањата „Будва, љубов која трае“.
Кампањата и оваа година посветува посебно внимание на регионалниот пазар, посебно за најблиските соседи: Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија и Хрватска, кои учествуваат со 35% од вкупниот број на посетители на годишно ниво.
Со зборовите на директорката на ТО на Општина Будва, најзначајната летна туристичка дестинација во Црна Гора, периодот пред нас ќе биде преполн со нови предизвици со кои досега не сме се соочиле. Целокупната туристичка економија на Будва, надлежните претпријатија и локалните служби ги користат последните денови од мај за повторно да ги отворат угостителските објекти, баровите на плажа, да ги уредат летувалиштата, базените и терасите…
„Хотелиерите, посебно оние од висока категорија, како и еден дел од ресторатерите се’ уште се во фаза на отворање на нивните објекти, бидејќи границите и понатаму се затворени, потоа епидемиолошката ситуација во Русија и останатите земји од поранешниот СССР и понатаму е многу сериозна, а овие пазари се исклучително важни за таквиот вид сместување. Од друга страна, приватните угостители кои учествуваат со преку 65% од вкупниот број остварени ноќевања, закупците на јавните летувалишта и најголемиот дел од угостителите главно се ослонуваат на локалниот пазар и во нивно име ние ги промовираме сите преубави локации со кои изобилува нашата Будва. Кампањата ќе ја спроведеме во сите околни земји, преку сите канали на комуникација, а целта е преку пораката која ја испраќаме со срдечност и гостопримливост, но и со квалитетот на производот кој го нудиме, оваа година со засилена здравствена сигурност и стабилна ценовна политика, нашите гости во Будва да се чувствуваат како да се дома“, порача директорката на ТО на Општина Будва.
Од Туристичката организација на Општина Будва, имајќи го предвид значењето на оваа локација за регионот, очекуваат дека со стабилизацијата на здравствената ситуација во најбрз можен рок ќе бидат воспоставени договори и протоколи со сите соседни држави па и земјите од поширокиот регион, кои ќе доведат до нови средби и летувања за кои ќе се говори со насмевка на лицето уште долго во иднина.