Министерот Филипче очекува намалување на бројот на заразени на почетокот на мај, за неколку недели ќе се ублажат и рестриктивните мерки

Министерот за здравство Венко Филипче оцени дека мерките биле донесени навремено и даваат резултати. Тој нагласи дека во моментов имаме линеарен пораст на бројот на пациенти, а очекува намалување на ширењето на болеста на почетокот на мај.

Зборувајќи на онлајн прес видеосесија Ковид-19 на тема „Ретроспектива: коронавирус МК“, министерот Филипче најави дека идниот месец би можело да дојде до попуштање на рестриктивните мерки.

„Во периодот кој што следи верувам дека мерките ќе дадат дополнителни резултати во смисла на тоа трансмисијата на болеста значително да се намали, па некаде на почеокот на мај да имаме период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува и ќе бидеме во ситуација да ги попуштаме рестриктивните мерки“, изјави Филипче.

Како што кажа министерот, болничките капацитети не се преполнети. Тој рече дека е искористен половина од иницијалниот капацитет на Инфективната клиника, околу дваесет проценти од болницата 8-ми Септември и сосема мал процент на исполнетост на инфективните одделенија на другите болници.

Сите земји во светот се соочуваат со истиот предизвик, а болеста ќе донесе трајни промени во животот и здравствените системи, додаде министерот за здравство.

Филипче ќе остане 14 дена во самоизолација: „И на најмал ризик треба да се пристапи сериозно“

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, рече дека ќе остане 14 дена во самоизолација.

Тој посочи дека по епидемиолошката анкета ризикот е мал, но и во такви околности треба да се пристапи сериозно.

„Ќе останам 14 дена во самоизолација, иако беше оценето после епидемиолошката анкета дека ризикот е мал. Сметам дека и на најмал ризик треба да се пристапи сериозно“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Во насока на тоа, министерот додаде дека размислува за здравјето на најблиските, големиот број вработени во Министерството за здравство, како и неговото лично здравје, a истовремено сака и да им даде пример на сите граѓани во државата.

Translate »