Како успешно да рециклирате од дома?
Во последниот период времето најчесто го поминуваме дома, бидејќи е потребно да бидеме одговорни кон своето, но и кон здравјето на другите. И наместо да барате начини како да го поминувате новостекнатото слободно време, можеби сега е совршен момент за да стекнете некои нови навики кои ќе ви бидат од корист до крајот на животот. Размислувањата треба да одат во насока: прво како да создавате помалку отпад, потоа како да го селектирате, истиот отпад повторно да го искористите, реупотребите, и крај доаѓа рециклирањето.
Размислувањето за секоја од овие фази може да одземе мал дел од вашето време, но резултира во огромни придобивки не само за вашиот дом, туку и за целата животна средина. Ако претходно не рециклиравте активно, а сакавте да научите како, сега е идеално време да почнете и да дознаете нешто повеќе. А ако претходно селектиравте и рециклиравте, тоа можете да го искористите како основа за модифицирање на навиките со тоа што ќе научите како да го правите тоа од дома, без непотребно излегување надвор.
Од каде да почнете? Започнете со тоа што ќе идентификувате што ќе купувате, односно како да купите се што ви треба, а притоа да создадете помалку амбалажен отпад. Потоа, погледнете околу вашиот дом и размислете: кој дел од отпадот кој го генерирате може да се реупотреби? Пластични шишиња и амбалажи, лименки, весници, списанија и картони, па дури и стакло – сите овие типови на отпад може со малку труд и креативност да добијат нова употребна вредност, односно да се реупотребат. На крај ако амбалажниот отпад повеќе неможе да се употребува тогаш тој треба да заврши на рециклирање. Најлесниот начин да дознаете дали одредена амбалажа се рециклира е да го побарате знакот „green dot“ на неа – кој означува дека пакувањето е направено од реупотреблив материјал.
Потоа, уредете го домот така што сите кои живеат во него ќе можат да се вклучат во процесот на рециклирање. Еве една идеја: можете да поставите неколку корпи во различни бои, кои ќе ги означите во зависност од типот на отпад кој треба да се фрла во нив (пр. Зелена корпа – стакло, сина корпа – хартија, жолта корпа – пластика и лименки). За инспирација, погледнете ги контејнерите кои Пакомак ги има поставено низ градот, кои се обележани по истиот принцип, со различни бои. На тој начин, ќе го селектирате ѓубрето во вашиот дом и единствената задача која ви останува е да го фрлите во соодветната корпа надвор или пак во некој од контејнерите на Пакомак.
Преку селектирањето на отпадот дома, поставувате пример за сите во вашето најблиско опкружување, а со тоа директно придонесувате за спас и одржување на животната средина. Колку поедноставно ќе го направите рециклирањето – толку полесно ќе се навикнете на редовно и детално селектирање на отпад, така што тоа нема да ви претставува напор.
Преку рециклирање на соодветниот отпад себеси ќе се ослободите од непотребното ѓубре, а притоа ќе придонесете кон намалување на искористување на природните ресурси и зачувување на околината. И за крај, затворете го кругот со тоа што ќе купувате и користите производи од веќе рециклиран материјал. Само така ќе враќате назад онолку колку што сте земале од природата и ќе создадете баланс, кој ќе ве направи задоволни.