Проф. Д-р Илија Насов: Знаењето не е доволно ако не го примениш! Иднината е во иновативните фотоволтаични термални сончеви колектори.
Плазма доо Скопје, со поддршка на ФИТР креираше Фотоволтаични Термални – ПВТ колектори кои произведуваат електрична енергија за 15% до 20 % повеќе во однос на стандардниот ФотоВолтаичен панел а термална енергија дури за околу 3 пати повеќе. Токму оваа иновација, нејзиниот огромен потенцијал беше причина да разговараме со Проф. Д-р Илија Насов, Сопственик на оваа компанија, истовремено и председател на асоцијацијата за соларна енергија на Република северна Македонија?
1. Иднината е во новите еколошки извори на енергии. Иако како земја уште сме на самите почетоци во нивниот развој, колку Вие сметате дека е ова поле од интерес и нешто кон што треба да се залагаме како држава?
Обновливите извори нa енергија се единствениот начин на добивање на еколошка енергија и единствен начин нa намалување на емисијата на CO2 и другите стакленички гасови кои се пак најголеми причинители на глобалното загревање и намалувањето на загадувањето, а пoсебно на воздухот. Од сите обновливи извори на енергија, сончевата енергија секако има нaјголеми компаративни предности во Македонија. Македонија има 1480 до 1700 kWh /m2 /год. сончево зрачење што секако спаѓа меѓу нај погодните региони за искористување на сончевата енергија. Сончевата енергија е нај еколошката енергија од сите обновливи извори на енергија, за која не треба ниту увоз, ниту транспорт, која директно доаѓа на местото на искористување.
Глобалното загревање и климатските промени се најголемиот проблем што ќе го доживее нашата планета, последиците од загадувањето на планетата а посебно воздухот со најтоксичните ПМ честички веќе ги согледуваме со катастрофални последици по здравјето на луѓето. Една од причините за намалување на имунитетот на дишните органи секако се ПМ честичките и променетата клима која ако не се реши во наредните децении ќе причини навистина несогледливи последици. Она што не смее да се одложува, тоа е решавање на овие два најголеми проблеми.
Поттикнати од овие причини креиравме производ ПВТ колектор кој произведува електрична и топлинска енергија во исто време. Претставува еколошко и можеме слободно да кажеме едно од најекономичните решенија што не емитува CO2 и други стакленички гасови ниту емитува ПМ честички.
2.Вие сте и председател на асоцијацијата за соларна енергија. Колку природните услови кои ги имаме во земјава ни дозволуваат развој на новите извори на енергија а посебно на сончевата енергија?
Соларната асоцијација на Македонија која постои повеќе од 15 години и која е длабоко инволвирана во активностите на искористувањето на сончевата енергија во земјата преку голем број активности и проекти, а посебно преку проекти од Европската унија, интернационални и европски проекти а еве сега и два последни проекти од УСАИД, настојува да предлага решенија и мерки за поголемо искористување на сончевата енергија во Северна Македонија.
Досегашните мерки за зголемување на искористувањето на соларната енергија во Македонија не само што беа недоволни туку често пати и погрешни. Постојат мерки за стимулација но и облигационите мерки кои постојат како во Европа , така и во светот. Искористувањето на сончевата енергија кај нас, досега беше на најниско ниво во Европа иако земјите кои имаат и до 30% помало сончево зрачење и не поволни климатски услови имаат и до 50 пати поголемо искористување на сончевата енергија/жител во однос на Македонија , како на пр. Австрија. Се надевам дека со новите законски прописи што се воведоа за ПВ системите, драстично ќе се подобри состојбата. Но сеуште не се променија мерките за субвенција на сончевите термални колектори, каде се субвенционираат сончеви термални колектори без никаков сертификат за квалитет а сеуште се плаќа царина на репроматеријали за производство на колектори. Значи: при увоз на на сончевите колектори не се плаќа царина и се плаќа само 5% ддв додека за репроматеријалите за производство на сончеви колектори се плаќа полна царина со 18% ддв. Во вакви услови секако дека македонските производители не се конкурентни како на домашниот така и на странските пазари.
3.Центарот за Плазма технологии, Плазма доо Скопје, со поддршка на ФИТР креираше ПВТ колектори кои произведуваат електрична за 15% до 20 % повеќе во однос на стандардниот ФотоВолтаичен модул а термална енергија дури за околу 3 пати повеќе. Кажете ни повеќе за оваа иновација?
Ние, во развојно истражувачкиот центар Плазма, кој располага со најсовремена опрема и технологија од областа на површинскиот инжинеринг, работиме на развојно- истражувачки проекти од областа на соларната енергија повеќе од 15 години со најголемите институти во Европа, како што се Фраункофер, Кембриџ, Штутгарскиот универзтет и со околу 50 други. Имаме реализирано 7 Европски развојно истражувачки проекти, 3 Еурека проекти, неколку интернационални проекти, имавме соработувано на бариерни превлаки за садови за складирање на водород за водородната енергија и уште многу други.
Кога ФИТР го распиша конкурсот за апликација на иновативни проекти, ние веќе работевме на овој ПВТ колектор.
Ние сме благодарни што тие ја препознаа нашата идеја и дотогашни референци за овој проект, со што со нивното кофинансирање на пат сме да го завршиме овој проект.
Што е суштината на овој проект?
ПВ панелите стануваат најатрактивен еколошки извор на ел.енергија и ние секогаш сме гледале позитивно на овој производ а нашето досегашно инволвирање и подлабоко во решавање на некои карактеристики на ПВ панелите со некои светски производители на ПВ панели допринесе само да имаме подобри согледувања за влегување во овој проект.
Од таму ги согледавме и некои проблеми кои влијаат на намалување на ефикасноста на ПВ панелите а како најголем е температурата на ПВ панелите.
Со зголемување на температурата на ПВ панелите, која во наши услови, летно време достигнува и до 80 0C , се намалува ефикасноста и до 30% во однос на работни температури од 20 0C.
За да се реши овој проблем во последните неколку години се почна производство на т.н. ПВТ хибридни колектори. ПВ панелите се ладат со циркулација на вода или воздух од задната страна на ПВ панелот со асемблирање на т.н. топлински абсорбер.
Одземајќи ја температурата од ПВ панелот флуидот се загрева со што се добиваат два бенефити: намалување на температурата на ПВ панелот и загревање на флуидот во абсорберот.
На овој начин ПВТ хибридниот колектор произведува и до 20% повеќе електрична енергија посебно во летниот период во однос на стандарден ПВ панел и околу три пати повеќе топлинска енергија во споредба со стандардниот ПВ панел.
“Плазма” веќе е прикрај со завршување на проектот и на трите иновативни решенија со кои дополнително ја зголемуваме ефикасноста на ПВТ колекторот а тоа се:
Првата иновација е нанесување на т.н. само чистечка превлака која не дозволува таложење на прашина и други нечистотии на површината на стаклото а со тоа транспарентноста на стаклото не се намалува и ефикасноста се зголемува.
Втората иновација е зголемен пренос на топлината преку иновативен термокондуктивен адхесив.
И третата иновација е внатрешна превлака на абсорберот отпорна на корозија за директна циркулација низ агресивни средини, како што се хлорирана вода или солена вода во базени за пливање, со што се овозможува ПВТ коелекторите да се употребуваат за загревање на базени за пливање со директна циркулација на водата од базените и се намалува цената на овие системи и до 50% во однос на стандардните .
4.Каде се може да имаат примена овие иновативни ПВТ колектори?
Овие ПВТ хибридни колектори инкорпоринани во ПВТ комбинирани системи се употребуваат секаде каде што има потреба како од електрична а така и од топлинска енергија: приватни домови и објекти, хотели, ресторани, болници, спа центри, базени за пливање, старечки домови, спортски центри ….и секаде каде има потреба од топла вода и електрична енергија во исто време,
5. Дали некаде се веќе инсталирани, и кои се првите искуства?
Имаме инсталирано досега четири ПВТ проекти од кои два во приватни куќи за загревање на базени и санитарна вода, еден во фудбалската федерација на Македонија за вода за туширање , еден во затворот Шутка за санитарни потреби.
Досега се резултатите многу добри а посоебно за базените за пливање и тоа како пример:
16 ПВТ колектори “бесплатно” заграваат базен од 80 м3 вода за време од летните месеци почнувајки од Јуни до Октомвври до околу 30 0 C што се секако одлични резултати.
6.Дали во блиска иднина планирате и негова дистрибуција во европските земји?
Овие македонски производи, ние веќе ги извезовме во Полска, на пат сме да направиме и извоз за Дубаи бидејки деловни партнери од Дубаи веќе беа кај нас и потпишавме договор за соработка. Очекуваме соработката да се прошири на пазарите во Обединетите Арапски емирати, а исто така и во Словенија каде веќе направивме извоз. Очекуваме во наредниот период соработката да ја продолжиме и на пазарите во Бугарија, Хрватска и со други партнери .
7.Кои се следните планови на Центарот за Плазма технологии, Плазма доо Скопје?
Плазма почна да работи на развојно истражувачки проекти во соларната енергија најпрво на компоненти за соларни термални колектори, потоа истите ги имлементиравме во соларни термални колектори преку Камел Солар а сега и во ПВТ колектори.
Филозофијата на Гете е наше мото: Знаењето не е доволно ако не го примениш а желбата не е доволна ако не ја имплементираш.
Сега како што споменав нашата определба е да одиме во креирање на високо ефикасни комбинирани ПВТ системи со повеќе компоненти: ПВТ колектори со и без додатно стакло заради намалување на ладењето на ПВ панелите од предната страна а со тоа повеќе топлинска енергија во системот; системи со циркулација на вода и гликол вода и сега најновите ПВТ системи со директна циркулација на фреон низ ПВТ коелекторите во топлинска пумпа во соработка со Португалска фирма Energie кои се светски лидери на овие термодинамични системи.
Како резултат на оваа соработка инсталиравме два системи со топлински пумпи со мали компресори со моќност од 0,4 и 0,8 kW . Со два или четири ПВТ во комбинација со овие мали топлински пумпи се загреваат невероватни 500 до 1000 литри/ден и се постигнува повисок COP на системот од стандардните топлински пумпи. Овие мерења ги правиме во нашиот тест центар а за кратко ќе инсталираме и комерцијални проекти.