ДС: НЕПРИМЕРНО Е ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, КОЈА ГИ ЗАСТАПУВА ЕТНИЧКИТЕ АЛБАНЦИ, ДА ПРЕДЛАГА ПРЕМИЕР СПОРЕД НЕГОВАТА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ
Демократскиот сојуз смета дека во граѓанска држава, каде што сите етнички заедници ги уживаат највисоките човекови права, непримерно е една политичка партија, која ги застапува етничките Албанци, да предлага премиер на македонската Влада исклучиво според неговата етничка припадност.
Албанците, како и сите други припадници на помалите етнички заедници во Македонија треба да имаат еднакви шанси и можности да ги извршуваат највисоките функции во државата, вклучително и функциите премиер и претседател, но тоа не смее да зависи од политички уцени на етничка политичка партија.
Демократскиот сојуз потсетува дека Македонија е демократска држава со парламентарна демократија каде што мандатарот и кандидатот за премиер го бира парламентарното мнозинство, и наместо наметнување етнички критериуми за негов избор, потребно е да се промовираат квалитетот на личноста, неговиот углед во јавноста и прифаќањето од најголемиот број граѓани.
Затоа, доколку Демократската унија за интеграција е искрена во своите намери, и со ваквиот предлог нема намера единствено да лови националистички гласови во својот етнички табор, Демократскиот сојуз ја повикува да се согласи на предлогот за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи.
На тој начин, сите граѓани, независно од нивната етничка, верска или родова припадност ќе можат со својата кандидатура, на различни партиски и граѓански отворени листи, да се изборат за гласовите на граѓаните и да добијат легитимитет да ги извршуваат највисоките државни функции според својот углед во јавноста.
Без оглед дали е некој Албанец, Турчин, Србин, Бошњак, Влав, Ром или Македонец, ако ги освои симпатиите на граѓаните, ќе може да раководи со државата, а не затоа што ќе го предложат водачите на етничките политички елити.