ЧУЛЕВ ПРИЗНА ЗА УНАПРЕДУВАЊЕТО НА СОПРУГАТА НА ЧАВКОВ, НО „ИСПРАВАЛ НЕПРАВДИ“
„Уште една лага, односно лажна вест креирана од страна на структурите на СДСМ. Но и случај кој уште еднаш го потврдува незаконското работење на Оливер Спасовски во изминатиот период. Можеби исправањето на неправдите од минатото на некого му пречи, но јас и понатаму ќе бидам на страна на вработените и ќе постапувам исклучиво во согласност со законите“, реагира техничкиот министер за внатрешни работи по информациите дека спротивно на законот без оглас ја унапредил сопругата на осудениот за „27 април“, Митко Чавков за три скалила повисоко во МВР.
„Ја информирам јавноста дека конкретното распоредување е направено врз основа на извештај од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди кој е изготвен врз основа на претставка поднесена од посочено лице, во кој се констатира дека истото подолг временски период е распоредено на работно место кое е во спротивност со законот. Во извештајот е констатирано дека со цел избегнување на дополнителни трошоци на товар на МВР по основ на тужба, одделот смета дека од страна на Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при БЈБ треба да изврши ревизија на распоредувањето и Јасмина Чавкова да биде распоредена согласно позитивните законски прописи на важност во МВР.
Напоменувам, дека кога станува збор за постапување по однос на задолжителни мерки утврдени во извештајот Одделот за внатрешна контрола, Министерот има обврска да постапи и да ги отстрани констатираните неправилности, а во конкретниот случај станува збор за распоредување кое не е во согласност со степенот на образование“, посочува Чулев.