ГРЦИЈА: СÈ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ПОЧЕТОК НА БЕЗБЕДНА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА
Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас изјави дека Грција денес ја отвора туристичката сезона и дека сè е подготвено за безбеден престој на туристите во земјата, јави новинската агенција АНА.
На денешниот брифинг, Пецас истакна дека Грција сака да биде најбезбедна туристичка дестинација во Европа и дека секој од кого зависи достигнувањето на оваа цел – владата, претприемачите и работниците – се однесуваат усогласено со тоа.
Портпарол на владата рече дека туристичките капацитети, парковите, термалните извори, археолошките места и музеите се отвораат од денес. Тој посочи дека ова лето во Грција ќе се разликува од претходните, но дека владата ќе даде се од себе за да го направи искуството од културата на оваа земја што е можно поавтентично.
Пецас рече дека од денес Грција ќе ги пречека сите туристи од земји што Европската агенција за безбедност во воздухопловството ги прогласи за ниско ризични во однос на бројот на заразени со коронавирусот.
Тој додаде дека патниците на аеродромите во Атина и Солун случајно ќе бидат тестирани за вирусот од крајот на јуни, а оние кои ќе бидат тестирани, ќе треба да чекаат еден ден во сместување по свој избор, а доколку се позитивни, ќе мора да останат во карантин следните две недели.