КИМ МЕХМЕТИ: ИЗЛЕГУВА КОРУМПИРАН АЛБАНЕЦ Е ДОБАР ЗА ДРЖАВАТА, САМО КОРУМПИРАН МАКЕДОНЕЦ НЕ Е ДОБАР ЗА ДРЖАВАТА
Во отвореното студио на ТВ 24 гостуваше писателот и аналитичар Ким Мехмети кој истакна дека партиите се помалку го бранат колективниот интерес туку го бранат бизнис интересот на луѓето што доаѓаат на власт.
-Кај нас кога се работи за избори се менува само чашата со вода, онаа пред говорниците во парламентот, се друго е исто. Ние не бираме некој концепт политички туку политичка секта. Ние се уште не бираме, туку само менуваме, менуваме луѓе кои што треба да се збогатат од тие претходните, така што ни се случува суштината да ни е иста. Партиите се помалку бранат колективен интерес туку го бранат бизнис интересот на луѓето што доаѓаат на власт. Кај нас политиката е сфатена како највносен бизнис, кај што не треба да инвестираш ништо освен бесрамност.
Ние Македонија ја градиме сезонски, нема некој континуитет. Тоа што до вчера го правеше режимот ДУИ и ВМРО се прекина и почна нешто како ново, реформаторска влада, а прашање е дали нешто реформираше. Излегува корумпиран Албанец е добар за државата, само корумпиран Македонец не е добар за државата, рече Мехмети.