Владата ќе обезбеди ваучери за млади до 29 години за дигитални вештини

Владата ќе доделува ваучери на млади лица до 29 години за обуки за дигитални вештини, ова го соопштија министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција.

Предвидено е финансирање обуки од најосновни до напредни дигитални вештини, со цел да им се помогне на младите во справувањето со предизвиците кои се резултат на здравствено-економската криза.

– Пандемијата предизвикана од КОВИД-19, донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се прилагодиме. Дигиталната трансформација и дигиталните вештини се наметнаа за неопходни како никогаш претходно. Преку ваучерите за дигитални вештини, со покривање на половина од трошоците, им овозможуваме на младите лица да добијат обуки со кои ќе бидат спремни брзо да најдат работа за повисока плата – изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Младите ќе може да се пријават преку националниот портал uslugi.gov.mk, каде и воедно ќе биде објавена листата на даватели на обуки за дигитални вештини.

Како што изјави министерот Манчевски, вкупниот буџет за оваа мерка е 150.000.000 денари.

Правните лица кои ќе се пријават, како и обуките кои ќе ги понудат ќе бидат селектирани од Дигиталниот форум, кој е независно тело, во кое членуваат претставници на универзитетите со ИКТ студии, четирите стопански комори, ИКТ експерти и двајца претставници на институциите, односно Владата.

На прес-конференцијата, министерот за образование и наука Арбер Адеми се осврна на пакетите мерки кои МОН ги обезбедува со цел помош и поддршка на младите. Станува збор за две уредби од кои првата уредба предвидува доделување средства за набавка на училишен прибор, на средношколци кои потекнуваат од семејства со ниски приходи. Додека пак, втората уредба предвидува доделување на средства на студенти од семејства со низок приход, за покривање на дел од трошоците за партиципација за студирање или за сместување во студентски дом, односно приватно сместување.

Пријавувањето и за двете уредби на оние кои ги исполнуваат условите е на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, односно www.dixhitalizohu.mon.gov.mk.

– Уредбите се креирани во насока на одржување на ученичкиот и студентскиот стандард, јакнење на личната куповна моќ, како и за поддршка на процесот на стекнување дигитални и ИТ вештини за поголема конкурентност и полесен настап на пазарот на трудот – истакна Адеми.

Translate »