“За сè се виновни работниците од источна Европа”: Кланица во Германија ново жариште во Европа
Германските власти потврдиле дека дури 657 луѓе од кланица на северозападот на Германија се позитивни на коронавирусот. Кланицата се наоѓа во близина на градот Билефилд, и е во сопственост на најголемата компанија за преработка на месо во Германија – “Tonnies”, а за ситуацијата да биде полоша, локалниот политичар Свен Георг Аденауер најавил дека ова нема да биде конечниот број на новозаболени.
Тестирани се преку 1.000 луѓе и не стигнати сите резултати. Секако, експлозијата на заразата во кланицата се одразила на целото подрачје, така што повеќе од 7.000 луѓе завршиле во карантин.
Локалните власти експресно ја затвориле кланицата, но и училиштата и трговските центри. Се ќе биде затворено до 29-ти јуни.
Најновите случаи во Билефилд повторно отвориле расправа за условите на работниците во кланиците и фабриките за преработка за месо, бидејќи ова не е прв пат вирусот да се шири токму во тие места. Целиот сектор е под жестоки напади поради лошите услови за работа, а тоа во главно се однесува на работниците од истокот на Европа.
“Единствено можеме да се извиниме”, рекол портпаролот на “Tonnies”, пренесува “Deutsche Welle”.
“Направивме се за да ги заштитиме нашите работнци и вирусот да го држиме подалеку од нашите компании”, додал Андре Филештат, кој не сакал да шпекулира како вирусот влегол во кланицата.
Неофицијално, во компанијата за се ги обвинуваат работниците од Бугарија и Романија, кои текот на кризата се вратиле дома, а кога дошле повторно на работа, со себе го донеле и вирусот.
Меѓутоа, тие обвиненија баш и не држат вода, со оглед на епидемиолошката ситуација во Романија и Бугарија е многу подобра отколку во Германија.
“Компанијата ги уништи тие луѓе. Ги третираат страшно, како граѓани од трет ред. Додека не се средат работите, секогаш ќе се случуваат работи како оваа”, рекол Петер Косен, католички свештеник кој ги бранел работниците во месната индустрија.