Мерките попуштаат: Се отвораат казината и теретаните, се разгледува можноста за отворање на границите
И натаму не е донесена одлука за обврската за самоизолација при влез во Македонија, додека истовремено комисијата за заразни болести препорачува отворање на казината и теретаните.
„Бројот на новодијагностицирани во Скопје опаѓа, но како и повеќе пати претходно, со резерва ќе кажам дека ова така ќе продолжи, затоа што има повеќе фактори кои влијаат на тоа. Викендите со недели наназад прават промени. Важно е дека добро се прави следење на контактите“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
Претходно тој информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 90 нови случаи на коронавирус, со тоа што овојпат се направени околу 600 тестови помалку во однос на претходните денови кога бројката константно беше над 100.
Денес владата ќе одлучува и за ново попуштање на мерките, вклучувајќи го отворањето на казината, автомат-клубовите, а до крајот на оваа седмица и отворање на теретаните и фитнес-центрите.
Како што соопшти Филипче, денеска и утре ќе се разговара и за целосно отворање на границите, без да има задолжително прикажување на негативен тест и карантин од 14 денови.
Министерот за здравство ги критикуваше прославите и големите собири на граѓаните, нагласувајќи дека здравствените работници веќе се преморени. Филипче ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките, додавајќи дека медицинските работници не можат да издржат без помош од граѓаните.

