Заразен е и Троицки , кој играл со Ѓоковиќ , како и неговата бремена сопруга
Српскиот тенисер Виктор Троицки синоќа потврди дека е заразен со коронавирус.
Во таква состојба, тој играл на турнирот Адрија во Белград, во иста група со Новак Ѓоковиќ, чиј резултат од тестот се очекува ова попладне, кога првиот тенисер на светот треба да се обрати пред јавноста.
Троицки, кој бил во близок контакт со Ѓоковиќ во Белград, потврдил за српски Телеграф дека и неговата бремена сопруга, која била на турнирот во Белград, има инфекција со коронавирус.
“Точно е дека мојата сопруга и јас сме позитивни. Таа беше тестирана во петокот, а ќерка ми и јас во неделата, откако откривме дека мојата сопруга е позитивна. Мојата ќерка е негативна, а жена ми и јас сме позитивни”, изјави Троицки за српски Телеграф.
Во меѓувреме, тој го откажа настапот на турнирот во шампионатот на Источна Европа, организиран од Јанко Типсаревиќ во Белград.
Троицки играше во истата група на турнирот Адрија во Белград со Ѓоковиќ и Александар Зверев, кој исто така настапи во Задар минатиот викенд. Филип Крајновиќ исто така беше во групата со нив. Зверев доби негативен резултат од тестот, додека заразени се хрватскиот тенисер Борна Ќориќ, Бугаринот Григор Димитров, неговиот тренер Кристијан Грох и фитнес тренерот на Новак Ѓоковиќ, Марко Паники.