ДЕЛОИТ: АВТО-ИНДУСТРИЈАТА ПРЕД КОЛАПС

Консултантската и ревизорската компанија „Делоит“ спроведе истражување наречено Иднината на приходите од продажба во автомобилската индустрија.

Истражувањата покажаа дека пандемијата од коронавирус силно влијае на автомобилската индустрија, која, наводно, е на работ на колапс.

„Делоит“ вели дека дури и пред пандемијата, автомобилската индустрија се соочила со големи предизвици и далекусежни последици за традиционалните автомобилски компании.

„Се очекува дополнителен пад на профитабилноста, така што производителите ќе мора да се справат со побрзи и посериозни последици од пандемијата, особено ако го земеме предвид огромниот пад на продажбата на која во моментот сме сведоци“, велат од „Делоит“.

Оттаму сметаат дека Кина во моментов е најважниот пазар на продажба и дека нејзината доминација ќе се зголеми како резултат на стагнацијата на најголемите европски пазари.

Според истражувањето, постои очигледна разлика помеѓу традиционалните пазари и Кина бидејќи кинеските потрошувачи се повеќе подготвени да прифатат алтернативни погони од европските или американските клиенти.

Се проценува дека релативно наскоро, 80 проценти од сите нови регистрирани возила во Кина ќе бидат целосно електрични, хибридни или на горивни ќелии, а меѓу 31 и 35 проценти во Европа и САД.

Продажниот сектор, главно овластени сервиси и продажба на резервни делови, ќе доживеат особено изразен пад на продажбата бидејќи електричните возила бараат помалку одржување. Исто така, системите за помош на возачите од најновата генерација ја намалуваат веројатноста од несреќи, велат во Делоит.

Тие проценуваат дека приходите по продажбата на производителот ќе паднат за 10% до 2035 година, и покрај зголемувањето на глобалната флота за возила за 50%.

„Европските дистрибутери, кои се соочија со проблеми со профитабилноста дури и пред пандемијата на коронавирус, се очекува да бидат во неповолна положба во пост-кризниот период. Нивното спасување нема да биде лесна задача“, соопштија од Делоит.

Translate »