„БЕЛА ЧУМА“ ВО ШЕСТ РЕГИОНИ ВО МАКЕДОНИЈА: Природниот прираст во негатива

Во шест региони во земјава бројот на починати е поголем од бројот на родени.

Природниот прираст кај населението од градските подрачја, е негативен и изнесува минус 1.059 лица наспроти позитивниот природен  прираст во селските подрачја кој изнесува 458 лица.  Во шест региони има појава на негативен природен прираст, и тоа во: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот и Североисточниот Регион.

Во главниот град на Македонија има највисок наталитет, додека во источниот дел се поретко се слуша детски плач.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во градските подрачја изнесува  11.772 деца или 59.3 отсто од вкупниот број на живородените деца наспроти 8 073 живородени деца или 40.7  отсто во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.1  отсто, а најмало Источниот регион со 6.3  отсто.

„Во село Радање има 200 куќи, а бројот на жители е околу 600, но повеќето се луѓе над 50 години. Каде што нема млади, нема ни деца, и тоа е нормално. Кој ќе излезе од селото веќе не се враќа. Младите се во Штип, или пак се заминати во Германија, Италија, и откако ќе се снајдат тука доаѓаат само на гости“, вели жител на селото Радање во Општина Карбинци.

Но, на другиот крај од државата, во струшкото село Подгорци го немаат тој проблем. Мештаните велат дека имаат добар наталитет, но сепак состојбата во државата е загрижувачка.

„Годишно имаме од 300 до 350 родени деца. Порано имаше поголемо иселување, сега малку има стагнација. Ние сме печалбарско место, и оние кои ќе заминат фамилијарно, таму ги запишуваат децата на училиште, таму им се раѓаат децата“, објаснуваат од месната заедница во селото Подгорци.

Државниот завод за статистика објави податоци и за миграциите.

Податоците за внатрешните миграции на ниво на регион покажуваат дека најголемо учество од 36.3  отсто имаат преселбите од село во град, додека меѓуградските преселби учествуваат со 8.2 отсто.  

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 51.8 отсто, додека во Полошкиот Регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби кои учествуваат сo 61.5 отсто.

Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион (1.233), а најмало во Југоисточниот Регион (- 58).

Translate »