Ексклузива на угледното шпанско радио: Барди има „бомбастична“ понуда од премиерлигашки гигант!
Енис Барди делува навистина расположено за игра по рестартот на сезоната и се издвојува како еден од лидерите на Леванте, тим кој денеска прокнижи нова победа во Примера, и тоа со увериво издание против Бетис.
Составот од Валенсија по еден час игра имаше водство од 4:0, а стрелец на еден од головите беше токму македонскиот репрезентативец кој се почесто се докажува со своите квалитети. Барди ја игра третата сезона со Леванте, но иако навистина добро се чувствува во Валенсија, сега за неговите услуги се интересираат клубови кои се многу поголеми од актуелниот.
Непосредно по триумфот од 4:2 над Бетис, угледното радио „Онда Серо“ излезе со една ексклузива за офанзивниот играч за врска, потенцирајќи дека на маса има бомбастична понуда од премиерлигашки великан.
Како што јавува радиото, Арсенал го исконтактирал агентот на фудбалерот и е доставена официјална понуда на маса за трансфер по крајот на сезоната, потег со кој „топчиите“ сакаат да се стекнат со пол позиција за ангажман на 24-годишниот Барди за кого се заинтересирани уште неколку клубови.
Истиот медиум, тврди дека Фиорентина е калчолигашот кој подготвува понуда за Барди, со напомена дека за Енис се распрашува и неименуван бундеслигаш од Германија.
Сепак, интересот од Арсенал е она што се става во прв план, бидејќи трансфер во фудбалскиот великан од Премиер лигата ќе биде огромен чекор во кариерата за македонскиот репрезентативец кој во Леванте доживеа развој каков многумина очекуваа.