Бошко Нелкоски: произведуваме органски лешници за кои има голем интерес во Швајцарија

Фокусирани сте исклучиво на органско производство, со што сте првите производители на органски лешник сертифицирани по Bio Swiss стандард во земјава. Кои се процедури треба да се поминат?


Ние сме органски произведители и преработувачи на лешник по МК и ЕУ стандард уште од 2014 година. Во текот на 2018 година започнавне преговори за потенцијален извоз во Швајцарија. Едно од барањата на нашите клиенти беше и воведување на БИО Свис стандардот. Воведувањето на БИО Свис не се однесува само на третирањето на лешниците со органски препарати но доста значаен дел се однесува и на заштита на природата. Имено, 7% од цело обработливо земјиште треба да се остави на природата и да не се прават никакви зафати на земјиштето во тие 7%. Дополнително, делот под самите стебла, во најголем дел треба да биде затревен дел. Постојат уште голем дел предуслови што треба да се исполнат.
На нашата фарма имавме неколку контроли од страна на цертификационо тело но и од страна на универзитетски професори од Швајцарија и Холандија.
Ние конечно во текот на минатата година за прв пат успеавме во тоа да добиеме БИО Свисс сертификат а по тоа да ја отвориме вратата за извоз на производи во Швајцарија.


За прв пат од земјава се извезува лешник во Швајцарија. Како Нелкоски Органик успеа во тоа?
Имаме одличен квалитет. Нашите лешници ги одгледуваме со многу внимание и љубов. Работиме на создавање на продукт кој пред се ќе биде одличен за моите деца, а потоа за продажба.
Био свисс цертификатот ни помогна доста во исполнување на високите стандарди а исто така и подршката на проектот ИМЕ каде што набавивме неколку машини кои беа клучни за доисполнување на стандардите за контрола на квалитет, безбедност на производ и пакување.
Би сакал да споменам дека Швајцарскиот пазар е и доста компетативен ценовно. Многу е тешко да се носиме со цена со призводителите на лешник од Турција каде за 1кг некршен органски лешник може да се откупи и за 1.6 евра. Но сепак, со многу работа, со многу висок квалитет и истрајност, и со малку повисока цена, ние успеваме да го пробиеме пазарот во Швајцарија.
Сето ова допринесе да после неколку контроли, ние добиеме и прва нарачка и закажеме прв извоз на Македонски лешник во швајцарија.


Дали постои разлика меѓу органски и обичен лешник?
Се разбира дека постои разлика. Органскиот лешник не се третира со никакви хемиски и штетни препарати кои негативно влијаат на природата но исто така негативно влијаат и на човекот. Доста често обичниот лешник се одгледува со прскање на инсектициди, на пестициди, на различни хербициди кои ја уништиуваат вегетацијата. Сите тие на еден или друг начин завршуваат во самиот лешник и при контрола во лабораторија, може лесно да се забележи присуство на овие опасни материи.
Органското производтво има можност повторно на употреба на природни сретства за заштита но тоа се сретдтва кои не влијаат негативно на природата и на човекот. Ние не употребуваме хербициди кои ја уништуваат тревата, тука редовно косиме. Има малку повеќе работа, но вреди за да се добие далеку по квалитетен производ.


Дали во земјава се прави контрола на лешникот кој се увезува? И од кои земји пристигнува. Дали сметате дека државата треба да преземе заштитни контролни мерки.
Мислам дека се прави многу малку контрола на она што се увезува. Доста често внесуваме стар лешник кој е доста по ефтин на турскиот пазар а потоа се пласира по македонските маркети. Доколку секој купувач проба свеж органски македонски лешник, и купен лешник од турскиот пазар, може многу јасно да ја забележи разликата.
Мислам дека е потребно државата да направи поголема заштита на производителите на лешник во Македонија и да се заптити нашиот производ од неквалитетниот вносен лешник. Исто така, потребни се создавање на региони за производство на лешник кои се веќе докажани дека има одличен род и тие региони специјално да се поддржат за подигање на нови лешникови насади, особено органски.


Под брендот ЗАУМ се продава првокласен македонски органски лешник. Колку луѓето, трговците се запознаени со него! И каде може истиот да се купи?
ЗАУМ може да се најде во ДМ Маркети ширум Македонија како и во Струшко-Охридскиот регион во Маркетите Миса и Тамаро.
ЗАУМ е тегличка природа! Вие не купувате лешник! Вие купувате задоволство, купувате парче здравје и префинет органски производ. Купувате производ со кој јас ги хранам своите деца! Ако тоа го прават сите производители на храна, прво да ги хранат своите деца со своите производи, може да бидеме сигурни дека храната што ја јадеме е здрава и ќе допринесе за подобро наше здравје.
ЗАУМ претставува бренд кој беше создаден со поддршка на познатиот уметник и специјалист доктор Драган Спасески Охридски. Овај збор е важен во нашиот регион бидејќи дава јасна конекција за значењето на јадењето на јаткасти производи. Најважниот дел е подобра работа на мозокот! Од тука и ЗАУМ, или ЗА-УМ. Исто така, ЗАУМ е место каде охридското езеро е најдлабоко и место каде има најголем број на сончеви денови. Тоа е спој на небото, водата и земјата. Спој на природата.
Под брендот ЗАУМ за сега продаваме органски путер од Лешник, Лешник со мед, Лешник со мед и какао, свеж лешник, Печен а многу скоро очекуваме да го прошириме асортиманот со уште неколку уникатни производи.


Со колку кооперанти моментално работите, и кои се вашите идни планови?
Моментално имаме 14 кооперанти и очекуваме оваа бројка да се зголемува. Моментално работиме на потпишување на договори за откуп и поддршка на поголем број на земјоделци во трансформација од конвенционално во органско производство. Сите заинтересирани земјоделци може да не најдат на нашата њеб страна www.zaumorganic.com или на ФБ и Инстаграм.

Translate »