Приоритети на новата Влада – акцент на економијата, борбата против корупција, дигитализацијата и социјалната политика
Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска ја закажа седницата на која треба да биде избрана Владата на мандатарот Зоран Заев. Единаесетата македонска Влада треба да биде избрана најдоцна до утре на полноќ.
Мандатарот Зоран Заев до Собранието во средата ја достави Програмата и предлог-составот на новата Влада. Лидерот на СДСМ, во улога на мандатар, најави дека „македонските граѓани ќе добијат одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во остварување на стратешките приоритети“. Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти мандатарот се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт… Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.
Економија
Во програмата Владата наведува дека ќе продолжи со своите заложби – раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија.
Владата се заложува дека стапката на невработеност за време на кризата ќе ја држи стабилна, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот ќе продолжи да ја намалуваме невработеноста на ниво од три отсто годишно, при што целта е по крајот на кризата, невработеноста да биде едноцифрена.
Владата предвидува реконфигурација на ДДВ преку воведување нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. Единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторантски услуги; ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18 на пет отсто ДДВ за занаетчиски услуги, подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет од 01.01.2022 и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет.
Владата ќе го продолжи проектот „Мoj ДДВ“ и ќе го зголеми лимитот по поединец на 2.300 денари за тромесечие и 9.200 денари годишно, односно на 36.800 денари за просечно четиричлено семејство.
Во економскиот дел од програмата има планови кои ќе придонесат за подобрување на бизнис климата пред сè во делот на микро и малите претпријатија. Во програмата стои дека ќе се овозможи фирма да се основа со само едно евро и во првите две години од работењето да не се плаќа фирмарина. Најавено е и драстично намалување на цените за издавање документи од Централен регистар, царина и други институции. Со оваа мерка граѓаните имаат можност да основаат фирма со минимални трошоци.
Во ИТ индустријата до 2023 година нема да се плаќа персонален данок, со тоа што укинувањето ќе биде постепено и тоа од наредната пет отсто, потоа три проценти, за во 2023 да достоигне нула, односно да се укине. Данокот на личен доход останува на 10 отсто со можност за повторно воведување на прогресивниот данок, а ќе се воведе и данок на луксуз, како и данок нов данок на промет при уплата на игрите на среќа од четири отсто од бруто уплатената вредност, кој ќе го плаќаат организаторите.
Владата планира и воведување закон за личен стечај, закон за забрана за отворање казина и игри на среќа во близина на училишта, градинки и верски објекти.
Социјална политика
Во програмата на Владата стои дека нејзина цел е искоренување на детската сиромаштија и да се постигне 60 отсто опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година. Владата ќе ги анализира можностите за воведување на задолжително предучилишно образование, а за сите деца од семејства со ниски приходи ќе обезбеди бесплатно згрижување.
Во програмата стои и дека новата повисока минимална пензија ќе изнесува најмалку 10 700 денари за сите, а ќе се создаде можност за докуп на стаж со цел стекнување на право на пензија. Во програмата стои дека ќе се овозможи флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија.
Образование
Во однос на образованието, Владата се обврзува дека ќе вложува во човековиот потенцијал, односно во надоградбата на наставниците, при што ќе овозможи континуиран професионален развој на наставниците преку бесплатни обуки од акредитирани провајдери, а стекнатите знаења од обуките ќе можат да бидат применети при реализацијата на наставните содржини. Наставниците кои континуирано ќе учат и ќе се надградуваат ќе добиваат и повисоки надоместоци, согласно изменет правилник за плати и надоместоци.
Владата ветува дека ќе донесе национална стратегија за дигитализација на образовниот систем, со што ќе се дефинира и озакони наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење со примена на средствата за електронска комуникација без физичко присуство на чинителите.
Новиот владин кабинет ќе промовира политики на меѓусебно почитување и прикажување на различностите од едничката и културната припадност како предност на нашето општество. На дваесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, а во име на внатрешната кохезија, 13 август ќе се прогласи за Ден на Охридскиот рамковен договор и истиот ќе се одбележи, стои во владината програма.
Владата ќе предложи нов закон за вознемирување на работното место (мобинг) што ќе овозможи вистинска и ефикасна заштита на работниците од мобинг и ќе предложи ратификување на Конвенцијата за насилство и вознемирување и препораките за насилство и вознемирување, на Меѓународната организација на трудот усвоена во 2019 година.
Владата се обврзува дека ќе се бори против родовиот јаз во платите преку креирање на политики и мерки за вработување кои ќе влијаат врз намалување на неактивноста на жените на пазарот на трудот, политики кои го уредуваат родителското отсуство, заштитата на работното место, флексибилното работно време и скратеното работно време и работни места кои се прилагодени за мајките, зголемување на достапноста на градинките особено во руралните области и зголемување на бројот на домови за стари лица во сите плански региони.
Во програмата стои и дека ќе се воведе нов концепт за сигурност во сообраќајот „Сигурни градови“ (Safe City), особено во урбаните центри, што подразбира јасна и ригорозна регулација на брзини во населени места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот.
Правосудство и борба против корупција
Во програмата Владата наведува дека е неопходно ефикасно и објективно „прочистување“ во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи, стои во програмата.
Владата, како што се наведува, ќе се посвети на обезбедување на ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција штом е можно побргу.
Во програмата на Владата се наведува и дека ќе се намалат судските такси, а во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.
Владата се обврзува дека ќе ги намали привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата. Ќе се предложи и законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во законодавна, извршна, локална и судска власт.
Владата ќе предложи покрај прочистувањето во правосудството да се создаде ефикасен систем на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој поранешен и актуелен функционер, според најдобрите ЕУ практики.
Владата ќе предложи измени во Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори.
Реформи во администрацијата
Владата во програмата предвидува дека јавната администрација мора да обезбедува дигитални услуги, како задолжителна опција и оти не смее да бара од граѓаните и деловната заедница никаква информација или податок, кој веќе е обезбеден и мора да дизајнира јавни услуги кои по дефиниција се инклузивни и ги исполнуваат потребите на ранливите групи, како што се возрасните и луѓето со пречки.
Во програмата стои дека во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор во државните институции, додека институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработените во јавната администрација и јавниот сектор.
Владата ветува дека етничката припадност нема да се злоупотребува при вработувањата.
Заштита на животната средина
Владата во својата програма наведува неколку приоритети за заштита на животнаа средина. До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. До крајот на 2020 се обврзува да воведе постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати. Ќе ги заостри казните само во областа на заштита на животната средина поради лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките.
За оние кои незаконски ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето поради профит, Владата најавува и кривична одговорност.
Првите две години на мандатот ќе бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување на државата, а особено најзагадените градови. Во 2020 Владата најавува дека ќе го донесе Националниот план за превенција на отпад како национална цел и политика за создавање, намалување, повторна употреба и рециклирање на отпадот (2020-2026), стои во програмата.
Надворешна политика, НАТО и ЕУ
Владата во програмата се заложува дека целта на нејзините политики ќе биде да ги донесе европските стандарди и вредности дома и да им овоможи на граѓаните европски начин на живот.
Владата планира да ги заокружи преговорите што поскоро и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. До 2024 година во мандатот на оваа Влада, планира да отвори 80 отсто од поглавијата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ, стои во програмата.
Сите фондови без разлика на областа во која се насочуваат ќе бидат искористени за зајакнување и реформа на институциите и политиките, за унапредување на дијалогот со сите чинители и ќе се мери нивното влијание врз социјалната инклузија, родова еднаквост, заштита на човекови права и заштита на животна средина, стои во програмата.
Владата има за цел фондовите од ЕУ да ги приближиме до граѓаните, тоа значи дека покрај државните институции, новите средства од ИПА 3 ќе ги обезбедат и за општините, училиштата, синдикатите, маргинализираните групи, работодавачите, невработените, малите и средните претпријатија, граѓанските организации, универзитетите и истражувачките институции, па дури и за неформалните групи на граѓани, се наведува во програмата.
Владата ќе отвори шест нови гранични премини со соседите со цел да се овозможи полесна комуникација на пограничните места и тоа Стрезимир-Рестелица (со Косово), Мајден- Промахи и Маркова Нога (со Грција), Клепало (со Бугарија), Лојане-Миратовац и Голеш- Босилиград (со Србија), и Џепиште-Требиште (со Албанија).
Владата ќе покрене иницијатива за Регионален центар за дијалог – Преспа форум, од каде ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка.
Владата, како што наведува во програмата, ќе продолжи да инвестира во квалитетна дипломатска мрежа, а во Секторот за јавна дипломатија ќе се врши конкретна и темелна подготовка на дипломатскиот кадар со елементи за нивното дипломатско делување во насока на јавната, културната и економската дипломатија.
Во програмата стои дека ќе се фаворизираат е-Амбасади, ќе се дигиталитизираат услугите на нашите сограѓани кои патуваат надвор од земјата, или се на привремен и постојан престој надвор до Република Северна Македонија преку воведување апликација „е-Амбасада“ со цел нашите ДКП-а навремено да излезат во пресрет на потребите, барањата на нашите сограѓани.
Во поглед на одбраната, Владата се обврзува дека ќе продолжи со стабилно финансирање на одбраната и достигнување на два отсто од БДП за одбранбениот буџет до 2024 преку пораст за 0,2 отсто од БДП секоја година.
Во делот на стратешките документи, стои во програмата, главниот фокус ќе биде на Планот на одбранбените цели кој што ги дефинира нашите развојни планови и активности во согласност со процесот на НАТО одбранбеното планирање – NDPP – NATO defence planning process.
Натаму, Владата планира во соработка со домашните универзитети, да воведе буџетска линија во буџетот на Министерството за одбрана за поддршка на научни проекти од интерес на одбраната.