“Визии од детството” изложба на ликовниот уметник Горан Боев во Прилеп
Се‘ на овој свет брзо поминува, но убавината на ликовното дело останува за вечноста! Токму под овој лајт мотив академскиот сликар Горан Боев на 17 јули 2020 во 20:00 часот во центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп ќе ја отвори својата самостојна изложба под работен наслов “Визии од детството”, на која ќе ги претстави своите најнови ликовни дела.
Масла на платно создадени изминатиов период, кои ги карактеризира силна експресија и емоција, во кои уметникот експериментира со боите и концептите, за да создаде богати дела кои оставаат силен впечаток кај публиката.
Автентичната оригинална уметност претставува културно богатство на еден народ. Такви се и делата на Боев, во нив се чувствува енергијата и топлината на македонскиот народ, човечноста на нашите луѓе и убавината на нашите предели, на нивната безгрижност, емпатија и оптимизам. Токму оптимизмот, природноста и спонтаноста на неговите дела будат ново искуство кај секого кој ќе се сретне со неговите уметнички дела.
Боев, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид.
“Уметноста спојува, збогатува, провоцира, поттикнува и разгалува. Таа не познава граници, временски ограничувања, таа е над се, одраз на индивидуална перцепција на уметникот, на игрите од детството и комплексноста и одговорноста во зрелото доба, таа е измешано дело на свеста и подсвеста”, вели Горан Боев кој истовремено ги повикува сите љубители на уметноста, придржувајќи се кон сите здравствени протоколи, да дојдат и да ги видат неговите дела.