Чудно однесување на китовите убијци во Шпанија: се залетуваат и удираат во едрилици, паника меѓу туристите
Орките, познати и како китови убијци, во последните две недели нападнале четири едрилици на северниот брег на Шпанија, што предизвикало непријатност меѓу туристите.
Ноќта меѓу понеделникот и вторникот, во период од само три часа, две едрилици морале да бараат помош од брегот откако китови, долги меѓу седум и осум метри и тешки пет тони, се залетале во трупот на бродот.
Во двата случаи окрите го уништиле кормилото па едрилиците на отворено море чекале спасувачки бродови да ги одведат до пристаништето, а двата напади се случиле покрај брегот на Галиција, покраина на северот на Шпанија.
Како што се наведува, првиот напад уследил малку по полноќ, кога рекреациската едрилица “Амадеус” со двајца Французи на неа, почувствувала силни удари и се додава дека орките удирале во едрилицата во мракот.
Едрилицата била на пат од градот Сантандер кон А Коруња, но откако по силниот удар откажало кормилото, морала да го прекине патувањето и да го чека бродот на Црвен Крст, која ја одвлекол на пристаништето во близина.
Три часа подоцна спасувачката служба добила нов повик, овој пат од двајца Шпанци со едрилица “Урки 1”, која пловела од местото Финистере кон Хихон.
“Го примивме нивниот повик во 3:07 часот навечер. Но кажаа дека ги нападнало јато орки и дека им го уништило кормилото”, напишала спасувачката служба на Твитер.
Се додава дека минатата недела уште две едрилици во тој крај доживеале слична ситуација, но дека никој од екипажот не бил повреден.
Британец кој со својата партнерка пловел на едрилица вели дека почувствувал удар и наеднаш му откажало кормилото, а дека потоа виделе две орки како пливаат покрај нив.
“Помислив дека случајно дојде до судир, но потоа орките со глави почнаа да удираат во едрилицата”, наведува тој.
Морскиот биолог Бруно Диаз вели дека нема сознанија дека орките напаѓаат луѓе и додава дека е вообичаено орките да се гледаат во Галција во овој период од годината.
“Знаеме дека омилена жртва им е црвената туна, а сега орките ја следат кон северот”, вели Диаз и додава дека нападите не се ни чести, ни чудни.
Диаз смета дека орките само се забавуваат.
“Веројатно си играле, се забавувале. Кормилото се движи под вода, па затоа им го привлекува вниманието. Тоа им е најдостапно на орките, па нивната забава завршува со оштетување на кормилото”.